Ако мислевте дека со јануари завршува и периодот на убави и значајни празници, се излажавте. Иако не е еден од „нашите” празници, и според православниот календар 14 февруари е ден на Св. Трифун. Но сепак, Денот на вљубените веќе длабоко навлезе и во нашата традиција. Според едно американско истражување, за повеќе луѓе во САД овој празник е на второ место по важност, веднаш по Божиќ.
Последнава деценија, и кај нас, како и низ светот, на овој ден се купуваат и се подаруваат цвеќиња и чоколади, се пишуваат љубовни пораки и песни, се даваат романтични подароци…
Циници и романтичари
Родените циници, оние што во потполност се, што се вели, вакцинирани од романтика, тврдат дека овој празник го измислиле лакомите цвеќари. Но, ако сте романтични, тогаш Свети Валентин сигурно во вашиот живот игра помала или поголема улога. Оние на кои романтиката им е длабоко под кожата не ги слушаат циниците. За нив Свети Валентин е ден на љубовта и точка!
Ден за одбележување
Како и да е, љубовта си го има својот ден за одбележување. Без оглед дали и припаѓате на онаа група што овој ден го исчекува или на онаа што не се обѕира на него и го смета само за уште една потрошувачка измислица, сепак веруваме дека нема да ви биде тешко да бидете фини и на овој ден и да направите нешто за да го изненадите и израдувате оној што го сакате.
Ако сте меѓу оние што сакаат да ја почитуваат оваа романтична традиција, или пак, постои и најмала шанса дека вашиот партнер-ка кришум или отворено го посакува тоа, секако направете нешто за него.
Скапоцени подароци или дреболии
Тоа не мора да биде скап и ексклузивен подарок. Убаво изненадување може да биде и некоја дреболија. Подарокот зависи од должината и од сериозноста на врската, од вашите финансиски можности и од романтичните склоности. Секако, ако врската штотуку почнала, бесмислено е да се расфрлате со скапоцени подароци, особено ако вашиот партнер нема исти намери.
Во спротивно, ако пред него ставите најнов модел од некој луксузен часовник, а тој за вас има само една црвена ружа, ќе се најдете во незгодна ситуација. Ако сте во долга врска или во брак, пак, тешко дека ќе можете да го изненадите партнерот, но барем имате ас во ракавот – ги познавате вкусот и афинитетите на вашиот најмил/а.
Креативност и фантазија
Романтиката не е скапа, па за подарок не морате да потрошите многу пари. Да, секако дека можете да излезете и да купите некој скап подарок, но од кога романтиката се покажува со трошење куп пари? Да се биде романтичен вклучува и покажување на љубовта на само свој оригинален начин. За да почувствува вашиот партнер дека навистина го сакате, наместо кредитна картичка, употребете ги фантазијата и креативноста.
Наша топ-листа
Честитка со љубовна порака или љубовно писмо, ружа, парфем, книга, часовник, влезници за театар или концерт, вечера, шише вино или, доколку имате доволно финансии, романтичен викенд. На топ-листата на изненадувања високо котира и готвењето романтична вечера, па овој празник е вистинско време да ја покажете и својата готвачка вештина.
5 идеи како да го поминете овој ден ако сте сами
- Направете нешто за себе
Отидете во некој велнес-центар, на масажа или купете си некое брендирано парче облека, кое веќе долго го посакувате, однесувајте се како принцеза. Правете го она што најмногу го сакате и чувствувајте се прекрасно.
- Направете журка или отидете на некоја
Направете неколку коктели, подгответе грицки и добра музика. Ова е прекрасна пригода да ги израдувате своите пријатели што не сакаат да бидат сами на Денот на вљубените. Ако сте повикани на некоја журка, одете. Можеби токму таму ќе најдете некого.
Поврзани објави
- Ден за одмор
Ако имавте тежок ден на работа и единствено што сакате е да дојдете дома и да си залегнете во омилената фотелја, погрижете се патем да си земете од омилената храна и да си набавите филмови. Бидете среќни што далечинскиот управувач е само ваш.
- Направете нешто за некој свој близок
Направете нешто убаво за некој од своите пријатели, колеги, роднини, за некој кој бил со вас во текот на целата година.
- Секојдневје
Можете да правите сè што вообичаено правите. Одете на работа, во вежбална или вечерајте пред телевизор. Брзо и безгрижно заспијте, а кога ќе се разбудите, веќе ќе биде 15-ти.
Каква врска, таков подарок
Изберете вистински подарок за Свети Валентин во зависност од сериозноста на врската. Постои голема разлика во избирањето подароци со оглед на должината на врската.
За двојките што допрва почнуваат
Доколку сте во врска помалку од три месеци, ви предлагаме подарокот да не биде многу голем и скап, туку нешто што ќе му покаже дека сте го запознале во доволна мера и дека ви значи. Подарокот треба да биде едноставен, но да кажува многу. На пример, книга од неговиот омилен писател, која тукушто излегла во продажба.
Подароци за оние што се и официјално двојка
За оние што се во врска од три до шест месеци, значи во период кога се и официјално двојка, но запознавањето се уште трае, предлагаме, да му испратите позитивен сигнал со кој ќе му дадете на знаење дека сакате врската да потрае. Најдобар начин е да резервирате нешто заедничко однапред, за следниот месец. Може да станува збор за заедничко одење на некој концерт или за влезници за некоја театарска премиера. На тој начин ќе покажете дека во вашите планови нема никој друг.
Подароци за оние што се во сериозна врска
Ако постои време кога треба малку да се надува подарокот, тоа е периодот кога сте во врска веќе седум до единаесет месеци. Не зборуваме за трошење на кој знае колку пари и за подарок за кој ќе отплаќате кредит цел живот, но немојте да штедите. Накит или заеднички викенд ќе ја покаже вашата посветеност кон партнерот. Сега можете да размислите и за некој подарок со кој ќе му дадете значење на заедничкото време што следува.
Подароци за оние што се во брак
Ако сте заедно веќе со години, бидете сентиментални и нема да згрешите. Потсетете се на денот кога сте се запознале, што го обележало? Или резервирајте соба во истиот хотел во кој сте биле на вашиот меден месец или на вашиот прв заеднички одмор. Потсетувањето на вашиот почеток ќе биде вистинско освежување.
Подароци за оние што имаат деца
На двојките со деца не им е потребно ништо како одмор од децата. Затоа, подарете му на партнерот вечер без деца. Изнајмете дадилка, замолете некој од роднините или пријателите да внимаваат на нив и излезете некаде сами, само вие двајца.
Текст: Наташа Човиновска
Фото: Pexels