Повеќе од 1.500 авионски линии се прекинати денес и утре поради штрајкот на француските воздухопловни контролори, погодувајќи приближно 300.000 патници. Ова беше објавено од европската организација на авиокомпании, „Ерлајнс фор Јуроп“ (Airlines for Europe – A4E), која ги вклучува „Ер Франс – Ка-ел-ем“ (Air France – KLM), „Луфтханза“ (Lufthansa), „изиЏет“ (easyJet) и „Рајанер“ (Ryanair).
A4E остро го критикува штрајкот на француските контролори на летање, кој се реализира денес и утре.
“Десетици илјади патници во Франција и низ цела Европа ги пропуштаат своите летни одмори бидејќи француските контролори на летање штрајкуваат за време на еден од најпрометните периоди на патување, во лето”, се наведува во соопштението на A4E.
Вршителот на должност министер за транспорт на Франција, Филип Табаро, изјави дека барањата на синдикатите на контролорите на летање се неприфатливи.
По инцидентот на аеродромот во Бордо кон крајот на 2022 година, кога два авиона за малку ќе се судреа, во моментов се спроведува реформа за воведување систем за евидентирање на работното време на контролорите на летање.
Вториот по големина Синдикат на воздухопловни инженери (UNSA – ICNA), кој претставува 17 проценти од вработените во секторот, повика на штрајк денес и утре во знак на протест против реформата. Синдикатот, исто така, го осуди “постојаниот недостиг на персонал, што предизвикува доцнења во текот на летото”, застарената опрема и “токсичното управување, што е некомпатибилно со барањата за безбедност и сигурност”.
Третиот по големина синдикат USAC-CGT, кој претставува 16 проценти од работниците, исто така се приклучи на штрајкот.
Националниот синдикат на контролори на летање (SNCTA), најголемиот во секторот, кој претставува 60 проценти од работниците, соопшти дека не повикува на штрајк.
ми/фото: МИА архива.
Извор: МИА