Сега сите го обвинуваме „системот“ што очигледно е толку штетен што ни ги избрка децата, а тие што останаа ги отепа. Ама, системот не е паднат од Марс. Тој систем не може да се смени со апатија и самосожалување. Ако на прашањето дали сакаме да живееме или да преживуваме избереме преживување, тогаш и заслужуваме да си продолжиме да се самосожалуваме, до следната несреќа. Сите знаевме, ама сега на најстрашен начин се уверивме дека во тој систем имаме луѓе кои едноставно ни со умот не се дораснати за одговорностите што сме им ги довериле како граѓани и даночни обврзници. Сите процедури се така поставени, божем ние граѓаните сме криминалците кога пријавуваме загадување, бука, непријатни мириси, блокирани улици, тротоари, влезови на згради. Ние треба да докажуваме дека сме во право, да предупредуваме дека сме небезбедни, загрозени, малтретирани од моќници… Закони има, купишта подзаконски акти, правилници, точки и запирки за што поефикасно насилие врз граѓаните, а не за служба во корист на граѓаните и општо добро.