Table of Contents
„Сè уште можам нешто да сторам“ годинава ѝ донесе номинација за наградата „Роман на годината“ – признание што таа веќе еднаш го има освоено во 2017 со романот „Одбројување“. Дознаваме колку ѝ значат овие признанија на нашата писателка, но и што повеќе ја инспирира да пишува: тагата или среќата…
Фросина Пармаковска вели дека признанијата се значајни онолку колку што успеваат да ја приближат книгата до читателот, а нејзиниот последен роман „Сè уште можам нешто да сторам“, кој е добитник на Рациновото признание, а беше и финалист за наградата „Роман на годината“ за 2024, наиде на многу позитивни реакции.
Во своите романи, нашата соговорничка неретко навлегува во длабока психолошка анализа на своите ликови, разоткривајќи ги нивните внатрешни демони, па нè интересираше дали тагата останува вечна инспирација и во нејзиниот случај, како и во случајот на многу познати писатели:
„Порано, пишувајќи ги првите романи, увидов дека тагата ме инспирира повеќе и одлучив вистински да поработам за да го променам тоа, па така сега можам да кажам дека пишувам и кога сум среќна. Пишувањето книга никако не смее да се потпре единствено на емоционалните состојби на авторот. Тоа би било проклетство за самиот писател“, вели Фросина.
Малите нешта се оние што ѝ ги разведруваат деновите и без нив секојдневјето би ѝ било многу сиромашно:
„Уживање во добра музика, кафе и цигара, книга, разговор со блиските, вкусен оброк и пиво, прошетка заради прошетка, по некое видео со мачки и насмевка.“
Нејзиниот совршен ден, пак, подразбира посета на ново место, раѓање нови идеи, творење и чист воздух:
„Се наоѓам во великодушен град со повеќеслојна приказна и историја распослана на секоја коцка од калдрмата по која безгрижно чекорам, без мапи и насоки талкам по улиците низ кои се губам, вдахната сум со идеи и полетна од силна инспирација, седнувам во ресторанчето што ми искрснува попатно, пишувам на лаптопот што до пред малку ми тежеше во ранецот на грбот, воздухот е чист а надвор е пролет.“
Нè интересираше и што уште може да стори таа за да биде целосно исполнета:
„Можам да пишувам книги, да бидам тука за моите блиски, да патувам, да сонувам, да учам нов јазик, но јас сето тоа веќе го правам, па така, наместо да размислувам за тоа што го немам, сакам да бидам благодарна за тоа што го имам“.
Поврзани објави
По којзнае кој пат, писателката Фросина ни потврди дека изреката „малите нешта носат најголема среќа“ не е обична флоскула и дека среќата понекогаш навистина може да се пронајде и на најнеочекуваните места:
„Насмевка на лицето последно ми измамија неколку прекрасни луѓе што ги запознав неодамна и еден мачор кој, движејќи се, ги пали сензорите од светлата во мојата зграда и секогаш доста драматично се појавува и го снемува. Како дух.“
ФРОСИНА НЕ МОЖЕ БЕЗ:
1. Книги
2. Музика
3. Пиво и патувања
Разговарала: Марија Лукаревска
ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА, GETTY IMAGES