Тајната не е во повеќе масло, туку во подготовката: еден едноставен чекор ја прави кората златна и крцкава, а внатрешноста мека
Секој што подготвувал печен компир дома знае дека резултатот не секогаш е онаков каков што се очекува. Наместо златна и крцкава кора со мека и воздушеста внатрешност, компирот од рерна понекогаш излегува сув, премногу потемнет или нерамномерно испечен. Сепак, постои едноставен трик кој може значително да ја подобри текстурата.
Тајната е во варењето пред печењето. Компирот најпрво се вари во посолена вода додека да омекне доволно за да може да се прободе со вилушка, но без да се распаѓа. На овој начин внатрешноста се подготвува уште пред да влезе во рерната, а високата температура подоцна може да се искористи за создавање на крцкава кора.
По варењето, компирот треба добро да се исцеди и да се остави пареата да излезе. Вишокот влага е еден од најголемите непријатели на крцкавата површина, па важно е парчињата добро да се исушат. Уште подобар резултат се добива ако варениот компир се остави целосно да се излади во фрижидер. Ладењето ја зацврстува структурата и овозможува полесно мешање со масло без парчињата да се распаднат.
Поврзани објави
Кога компирот ќе биде ладен и сув, потребно е добро да се премачка со масло и да се зачини по желба. Потоа се става во добро загреана рерна на висока температура. Бидејќи внатрешноста веќе е сварена, печењето главно служи за добивање на златна, крцкава површина, додека средината останува мека.
Практично е што оваа подготовка може да се направи однапред. Компирот може да се свари и излади неколку часа порано, па дури и еден ден пред печењето. Така, кога ќе дојде време за ручек или вечера, останува само да се додадат маслото и зачините и компирот да се стави во рерна. Резултатот е едноставен: крцкав однадвор, а мек одвнатре.
pexels – kompiri – pomfrit