Владата најавува засилена промоција на Законот за работно ангажирање, кој овозможува легална дополнителна заработка за различни категории граѓани. Иако досегашната примена не ги исполнила очекувањата, институциите сметаат дека законот треба да се оценува на подолг рок.
Пензионерите, студентите, невработените и другите граѓани кои сакаат дополнително да заработуваат можат да се ангажираат за работа без притоа да го изгубат статусот што веќе го имаат. Ова го овозможува Законот за работно ангажирање, кој стапи во сила на 1 јануари 2026 година.
Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, најави дека ќе се интензивира информирањето на граѓаните и работодавачите за можностите што ги нуди законското решение. Според него, досегашните резултати не се на очекуваното ниво, но станува збор за реформа чии ефекти треба да се согледуваат на подолг период.
Со законското решение се овозможува легално работно ангажирање, при што работниците добиваат надоместок согласно реално одработените часови, како и соодветно пензиско и здравствено осигурување.
„Ова не е закон направен за една година“, порача Ристески, најавувајќи дека во промоцијата ќе бидат вклучени медиумите, стопанските комори, работодавачите и синдикатите.
Законот се однесува на три области – земјоделство, угостителство и услуги во домаќинството. Постапката за ангажирање работници се реализира преку Агенцијата за вработување.
Владата сака повеќе млади да останат да работат во земјава
Ристески се осврна и на најавите за можно намалување на бројот на работници од Западен Балкан што Германија може да ги ангажира. Тој оцени дека за Македонија е важно да создаде услови што повеќе млади и работоспособни граѓани да ја гледаат својата иднина во земјава.
Како една од причините за можните промени во германската политика за работна сила ги посочи економските предизвици, намаленото индустриско производство и проблемите во автомобилската индустрија, кои доведуваат до отпуштања на работници.
Во меѓувреме, Владата преку активните мерки за вработување, Оперативниот план и привлекувањето нови инвестиции се обидува да отвори повеќе можности за домашната работна сила.
Се подготвуваат нов закон за работни односи и закон за странци
Покрај мерките за сезонско и дополнително работно ангажирање, во тек е подготовката на нов закон за работни односи. Според најавите на Ристески, целта е да се создаде пофлексибилен систем кој ќе овозможи побрзо вработување, но истовремено ќе ги зачува правата и заштитата на работниците.
Новите правила треба да им овозможат поголема флексибилност на работодавачите и да го олеснат ангажирањето работници во приватниот и јавниот сектор.
Дополнително, се подготвува и нов закон за странци, со кој треба да се поедностават процедурите за вработување странски државјани. Ова доаѓа во услови на недостиг од работна сила, предизвикан од нискиот наталитет и иселувањето на работоспособното население.
На информативниот настан, директорката на Германско-македонската стопанска комора, Антје Ванделт, оцени дека Законот за работно ангажирање претставува важен чекор кон приближување до европските стандарди.
Таа нагласи дека за успешно функционирање на системот неопходни се едноставни и практични процедури, а дигитализацијата може значително да го олесни процесот на ангажирање дополнителни работници.