Почетна ЕкономијаМЕПСО пушти во пробна работа нов трансформатор во ТС Дуброво

МЕПСО пушти во пробна работа нов трансформатор во ТС Дуброво

од nenad
1 минути читај за

Новиот 400/110 kV трансформатор во ТС Дуброво, со капацитет од 300 MVA, е ставен во пробен режим на работа од денес, откако успешно беше завршена неговата инсталација и приклучување кон напон. По период од еден месец, тој треба да стане интегрален дел од електроенергетскиот систем.

АД МЕПСО објави дека овој чекор е резултат на преданата работа на експертскиот тим на нивната филијала ОПМ. Тие додаваат дека проектот е изведен според предвидената динамика и во согласност со сите технички стандарди, од превоз и поставување, до тестирање и вклучување на трансформаторот.

Од МЕПСО истакнуваат дека пуштањето во пробен режим на новиот трансформатор претставува нова етапа во унапредувањето на преносната инфраструктура, особено во околности на зголемена потрошувачка на електрична енергија и зголемена потреба за вклучување на обновливи извори на енергија (ОИЕ).

Како клучни придобивки од оваа инвестиција, тие наведуваат подобрување на напонските состојби во регионот, зголемување на стабилноста и прилагодливоста на преносната мрежа, поддршка за развој на нови капацитети од ОИЕ, како и квалитетно и непрекинато снабдување со електрична енергија за домаќинствата и бизнисите.

“ТС Дуброво е еден од клучните енергетски јазли во земјата. Со новиот трансформатор, постројката добива значително зголемена сигурност и доверливост, што ја прави подготвена за идните предизвици, поголем економски раст и развој, транзиција кон зелена енергија, регионална поврзаност и подобар животен стандард.”

Во соопштението се додава дека пробната работа е дел од стандардната процедура при активирање на вакви електроенергетски уреди и ќе трае еден месец, по што трансформаторот официјално ќе стане интегриран елемент во електроенергетскиот систем.

лв/мд/фото: АД МЕПСО

Извор: МИА