Почетна ЕкономијаПекинг бара од Сеул да го прекине извозот на кинески ретки метали за американската воена индустрија

Пекинг бара од Сеул да го прекине извозот на кинески ретки метали за американската воена индустрија

од nenad
2 минути читај за

Кина апелираше до јужнокорејските претпријатија да не испорачуваат производи што содржат кинески ретки метали до американски компании кои работат за американската одбранбена индустрија, објави “Korea Economic Daily”, цитирајќи владини извори.

Кинеските власти предупредуваат дека корејските компании кои ќе ја игнорираат забраната може да се соочат со санкции, пренесоа британските медиуми.

Наводно, пораката била доставена во форма на писма до компании кои произведуваат трансформатори, батерии, дисплеи, електрични возила, воздушна и медицинска опрема.

Иако во првичната верзија на извештајот стоеше дека предупредувањето е испратено од кинеското Министерство за трговија, подоцна беше појаснето дека станува збор за општа порака од кинеската Влада, а не конкретно од ова министерство.

Јужнокорејското Министерство за индустрија денес изјави дека ги проверува информациите со кинеската Влада и домашните компании за да ја потврди веродостојноста на извештајот.

„Засега не е потврдено дека јужнокорејските компании добиле официјално писмо од кинеската Влада“, се наведува во соопштението.

Кинеското Министерство за трговија не даде одговор или коментар на прашањата на медиумите.

На почетокот на април, Кина воведе ограничувања за извозот на ретки метали како дел од поширокиот одговор на американските царини, дополнително отежнувајќи го снабдувањето со клучни минерали што се користат во производството на оружје и електроника.

Отсега извозниците мора да поднесат барање за дозвола за извоз преку Министерството за трговија, а тој процес може да трае од неколку недели до неколку месеци.

Кина произведува околу 90 проценти од светската понуда на ретки метали – група од 17 елементи клучни за модерната технологија.

Иако САД имаат одредени резерви, тие не се доволни за да ги задоволат потребите на нивната воена индустрија на долг рок.

Јужна Кореја претходно овој месец соопшти дека има резерви кои покриваат повеќе од шест месеци потрошувачка за некои од седумте ретки метали под кинески ограничувања, вклучително и диспрозиум – елемент што се користи во специјални магнети за електрични возила и турбини на ветер.

Високи јужнокорејски претставници утре во Вашингтон треба да се сретнат со нивните американски колеги за да разговараат за актуелните трговски тензии и царини.

Кина во понеделникот ги предупреди земјите да не склучуваат пошироки трговски договори со САД „на сметка на Кина“.