Да живееш во Скопје не значи и дека си скопјанец, ќе рече секој еден Пеер брат, а на тоа секој горд Провинцијалец ќе одговори, па фала богу што е така. И додека се мислите кој е посреќен со неговиот статус, без разлика од која перспектива давате свое видување, ајде полека, но сигурно да ја решиме дилемата чиј став држи вода.
Ако по лична карта уште од земање на првиот здив си заведен како жител на метрополата тоа е твое ексклузивно право да не му ја мислиш за многу работи. Работи кои низ текот на животната кариера можат да ти го променат правецот на движење и делување, челичејќи го твоето јас, односно доведувајќи го до степен на гниење и незабележливост твоето постоење. Арно ама повеќето Пеер браќа заведени од вртлогот на домувањето под Водно, на бреговите на Вардар, се губат во сивилото на големиот град. Градот на можностите, како што милуваат да го нарекуваат, градот на подемите и падовите, но и животните патеки кои водат до бездната без дно.
И додека метрополците цимолат колку им е скуп животот во родниот град и немаат абер да го напуштат, во истиот тој урбан простор неуморно се населуваат бројни брајќа по провинцијалска врска. Оние првите на некој начин ќе присоберат некоја пара од родителите, бабите и дедовците, па ако треба и кредитиште и ќе си купат четири тркален пријател кој мислат дека смеат и можат да го паркираат кај сакаат. Е за разлика од нив оние вторите не дека немаат пари, туку имаат принципи и возат велосипед. И ако за миг си рековте, па што тука е лошо и за едните и за другите вака ќе ви кажам, ако секој ги почитува правилата на никој нема коса да му се крева.
Пеер браќа џабе ви е Скопје во лична карта ако се паркирате на велосипедска патека, пешачки премин или зелена површина. Тоа не ве прави фраери, напротив непочитувачи на вашиот град и на сите оние кои творат и создаваат во него. Немате апсолутно никакво оправдување дека немало паркинг. Ако возевте велосипед не само што ќе научевте што е велосипедска патека туку ќе сватевте колку е иритантно и дебилно, од ваша страна, таквото однесување. Тоа е само потврда, по илјадити пат, дека адресат во документ не го прави човекот човек, туку неговото домашно и општествено воспитување.
Да си Пеер брат не значи дека поседуваш ексклузивно право да му свириш на секој еден велосипедист кој се движи по коловозот, согласно законот, кога нема патека или на неа се паркирале твоите Пеер браќа. Исто така, ништо не те прави успешен и горд Скопјанец ако како пешак се движиш по велосипедска патека и уште му се придеруваш на оној кој со велосипед се движи таму каде што му е место.
Поврзани објави
И тука логично се наметнува прашањето што е подобар избор за транспорт во градот на градовите, Скопје. Оние кои не ги почитуваат сообраќајните правила најдобро е да не се движат со ништо, затоа што не заслужуваат да одат од точка А до точка Б ниту со сопствените нозе, а не пак со некое превозно средство. Оние кои возат велосипед не само што си прават добро на себе и животната средина не оставаат никаков бенефит за општеството. За разлика од нив оние кои патуваат со автомобил и до најблиското кафуле или дуќанче не само што прават лична туку и општествена штета. Но не е се така црно, придонесуваат за општото добро на економските случувања.
Го загадуваат воздухот и го отежнуваат движењето низ големиот град со тесни улици и булевари, го полнат општинскиот/државниот буџет со плаќање казни за погрешно, свесно или не, паркирање и ги иритираат сите оние кои се превезуваат со секое друго алтернативно решение.
Пеер браќата со своите автомобили кои ги паркираат кај треба и кај не треба понекогаш ќе испијат и некоја чаша алкохол повеќе, па ќе се удрат и во некоја бандера. Тоа отвора работа за бројни служби, одложувајќи го нормалниот сообраќаен проток, кои треба да дојдат и да интервенираат, а тоа чини пари на штета на целокупниот општествен тек.
Следниот пат кога ќе се качите во автомобил размислете дали сакате да бидете Пеер или Провинцијалски брат, ако не за другите барем за себе. Ти сам одлучуваш како ќе те респектираат другите, без разлика што ти е заведено во документот наречен лична карта.
Пишува: Провинцијалецот
Фото: socijalni mrezi / Facebook