Со наод од овластено вешто лице и извршено пребарување во деловен објект на улицата „Бутелска“ во Скопје, утврдена е тешка кражба на електрична енергија од трафостаница во сопственост на Електродистрибуција. Тимот за откривање на неовластено користење на електрична енергија, поради основани сомневања, побарал асистенција од Министерството за внатрешни работи и спроведување на пребарување на локацијата.
При контролата било констатирано противправно користење на електрична енергија преку неовластено приклучување на три нисконапонски кабли директно во трафостаницата. Утврдено е дека деловниот објект, поранешен млин, бил користен за неовластено снабдување со електрична енергија на системи со графички картички за копање биткоини, што предизвикало значителна штета.
Во врска со случајот, надлежните служби изготвиле записник за неовластено користење, наод и мислење од овластено вешто лице, како и пријава до МВР за неовластено преземање на електрична енергија согласно член 235-а од Кривичниот законик. Дополнително, издадена е фактура за надомест на штета во износ од 16 милиони денари. Случајот е доставен до надлежните органи за понатамошна постапка.