Кандидатот на Националната алијанса за интеграција за општина Чаир, Бујар Османи, денеска го презентираше својот план за похигиенски Чаир.
“Формирање на ново комунално претпријатие ‘За чист Чаир’”, рече Османи, ветувајќи ангажирање на 120 хигиеничари, со јасен и надгледуван начин на работа, се вели во соопштението од ДУИ, кое МИА го пренесува во целост.
“Валкана општина е одраз на општина што не ги цени своите жители. Затоа, денес излегувам со заложба дека од првиот ден ќе оформиме посебна компанија за одржување на хигиената во општината, со вработување 120 униформирани хигиеничари, базирано на прецизно дефиниран дневен распоред, при што Чаир ќе биде поделен на подрачја и кога луѓето наутро ќе излегуваат од нивните домови, првото што ќе го забележат ќе бидат токму комуналните работници како го чистат Чаир”, изјави Османи.
Османи беше категоричен дека Чаир не смее да остане најзагадената и најнечиста општина во Скопје. “Ниту едно дете не треба да си игра во паркови полни со отпадоци, ниту една мајка не треба да го носи своето дете по улици преполни со смет. Доста беше со импровизации и партиски вработувања”, рече тој на денешната прес-конференција.
Османи се заложи прашањето за чистотата во Чаир да го подигне во сеопшто движење. “Да ги вклучиме граѓаните во тоа движење, ангажирајќи ги училиштата, организациите и месните заедници за да реализираат волонтерски акции за чистење. Сакам хигиената во Чаир да стане приоритет веднаш по училиштата, а граѓаните да станат дел од настојувањето Чаир да се ослободи од етикетата дека е највалкана општина во Скопје, нешто што нѐ вознемирува и нѐ срами сите.”
“Хигиената, како што нагласи тој, не е само естетика, таа е прашање на здравје и почит кон граѓаните. Ветувам: оваа слика ќе се промени”, потенцираше Османи, додавајќи дека ќе се воспостави редовна анализа на квалитетот на услугата, заснована на реакциите на граѓаните и континуиран мониторинг на терен.