Почетна ЕкономијаОрбан бара ЕУ да ѝ ги рефундира на Унгарија трошоците за гранична заштита

Орбан бара ЕУ да ѝ ги рефундира на Унгарија трошоците за гранична заштита

од nenad
2 минути читај за

Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, адресираше писмо до Европската Унија, во кое бара рефундирање на трошоците на Унгарија за обезбедување на нејзините граници. Орбан нагласи дека државата превенирала влез на повеќе од милион илегални мигранти од 2015 година, а сепак се соочува со дневни казни од милион евра од страна на Брисел, објави хрватскиот портал Индекс.

Според написот објавен синоќа, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, одржа заедничка конференција за медиуми со полскиот премиер Доналд Туск на челичната ограда поставена на границата со Белорусија. Таму, таа изјави дека ЕУ “сериозно ја сфаќа заканата од Исток”, додавајќи дека Брисел ќе ја забрза програмата за одбранбени кредити SAFE, со цел да мобилизира 150 милијарди евра за земјите-членки, за потребите на развој на одбраната и индустријата за оружје.

По оваа прес-конференција во Полска, Орбан се обрати писмено до фон дер Лајен, поздравувајќи ја нејзината изјава и истакнувајќи: “Со интерес ја прочитав вашата изјава во Полска дека физичките бариери што ги штитат надворешните граници на ЕУ се заедничка одговорност”.

Орбан понатаму потенцираше дека “Во текот на изминатите десет години, Унгарија заштити значаен дел од границата на Шенген зоната, финансирајќи исклучиво од нашиот национален буџет. Унгарија постојано бараше надомест за овие трошоци од Европската комисија. Меѓутоа, наместо политичка или финансиска поддршка, Унгарија се соочува со постојани критики и беше принудена да плаќа невидена дневна казна од еден милион евра”.

Тој дополни дека Унгарија очекува “исто признание како и другите земји-членки и финансиска поддршка за задржување на милион мигранти надвор од блокот” и нагласи дека “многу земји-членки под значителен миграциски притисок одлучија да изградат физички бариери по должината на нивните надворешни граници за да ја заштитат својата национална безбедност и безбедноста на своите граѓани”.

“Не само што државните актери ја користат миграцијата како оружје, туку и организираните криминални групи вклучени во трговијата со луѓе, кои имаат врски со терористички организации и кои свесно или несвесно поддржуваат невладини организации кои сакаат да донесат масовно количество нелегални мигранти во Шенген зоната преку западнобалканската рута, исто така претставуваат закана за ЕУ”, стои во писмото на Орбан. Тој, исто така, додаде дека новите предвидувања покажуваат дека милиони потенцијални мигранти “би можеле да ја напуштат Африка во секој момент”.

Орбан апелираше до комисијата да обезбеди финансиска помош на граничните земји-членки без дискриминација. “Унгарија останува посветена на европската солидарност и ќе продолжи да се бори за заедничките европски вредности преку заштита на шенгенската граница и безбедноста на нашите граѓани”, заклучи унгарскиот премиер.

Според информациите од хрватскиот портал, копија од писмото е доставена до секој член на Европскиот совет, што сугерира дека Орбан има намера да го постави ова прашање пред целата европска јавност.