Општина Илинден во првата година од новиот мандат реализираше и започна повеќе значајни проекти во инфраструктурата, образованието, спортот, животната средина и локалниот економски развој.
Меѓу позначајните инвестиции е реконструкцијата на локалниот пат Мршевци–Дељадровци, долг околу 1.900 метри, како и изградбата и реконструкцијата на повеќе улици во Јака, Кадино, Илинден и други населени места. Вкупно биле опфатени повеќе од 4.500 метри локална патна инфраструктура.
Во економските зони се градат нови улици, а Општината потпиша и меморандум со бизнис-секторот за изградба на нов мост во Стопанскиот комплекс „Илинден“. Воедно се одржа и вториот Регионален саем „ЕКСПО ИЛИНДЕН 2026“, со учество на повеќе од 70 компании.
Значајни средства се вложуваат и во комуналната инфраструктура. Во Кадино се изградени повеќе од 5 километри канализациска мрежа, додека во Миладиновци започна изградба на нова фекална канализација во должина од околу 4.600 метри. Канализациската мрежа е проширена и во повеќе други населени места, со можност за приклучување на околу 150 нови домаќинства и објекти.
Во образованието започна изградбата на нова училишна зграда во ООУ „Гоце Делчев“ со 10 училници, а реализирани се реконструкции и опремувања во повеќе училишта. За првачињата од учебната 2026/2027 година е воведена и еднократна финансиска поддршка од 3.000 денари.
Во детската градинка „Гоце Делчев“ е пуштена во употреба нова централна кујна, а со адаптација на простории ќе се создадат услови за прием на уште 50 деца. Зголемена е и помошта за новороденчиња на 6.000 денари.
Продолжија и инвестициите во спортот. На стадионот во Илинден се гради нова трибина со околу 1.100 места, а поставен е и нов систем за осветлување. Реконструирани се и повеќе спортски игралишта во Мралино и Марино, а се поддржуваат и локалните спортски клубови и спортисти.
Во рамките на проектот „Зелена Општина Илинден“ засадени се повеќе од 1.000 садници, а продолжи и чистењето на дивите депонии и регулирањето на атмосферските канали и речните корита, во должина од повеќе од 43.000 метри.
Покрај инфраструктурните проекти, се уредуваат паркови и јавни простори, се реконструираат домовите на културата, а во Марино е изграден нов урбан парк-плоштад.
Од Општина Илинден посочуваат дека дел од проектите се веќе завршени, додека други се во тек, со најави дека инвестициите во инфраструктурата, образованието, спортот, животната средина и локалниот развој ќе продолжат и во следниот период.