Општина Гевгелија започна со постапка за проектирање на нов градски плоштад, кој според локалните власти треба да биде современ, функционален и урбан простор и да се унапреди изгледот на централното градско подрачје.
На работна средба со претставници од општинскиот Сектор за урбанизам, претставници на проектантското биро и стручни лица од областа на архитектурата и урбанизмот, локалните власти ги разгледале предлозите за идниот изглед на новиот плоштад.
Според градоначалникот Андон Сарамандов, проектот предвидува изградба на нов, современ и урбан плоштад, со претходна замена на подземните инсталации, продолжување на концептот на употреба на квалитетни и трајни материјали, меѓу кои и гранитот, збогатување на просторот со повеќе зелени површини, поставување нова урбана опрема и современо осветлување, како и воведување содржини наменети за најмладите.
– Нашата цел е да добиеме квалитетно, современо и долгорочно решение кое ќе го унапреди изгледот на Гевгелија. Белег кој покрај реконструкција и реставрација на старата чаршија и реконструкцијата на улицата „Маршал Тито“ во централното градско јадро ќе создаде урбана целина за привлекување туристи, а, секако, и простор за сите нашите сограѓани – нагласи Сарамандов.
Од Општината велат дека во рамки на дискусијата се предложени повеќе стручни мислења и предлози, кои ќе бидат дополнително разгледани од страна на проектантот и ќе послужат како насоки за натамошно обликување на проектното решение.
Извор: МИА