„Министерот го знаеме, секој месец е гостин кај мене во кафана. Да го поздравиш многу!“, рече еден од насобраните пред Комунална Хигиена Скопје, обраќајќи му се на началникот кој наместо да постапува по наредба да отстрани блокада на јавно градско претпријатие, реши да преговара стравувајќи за сопственото работно место и нарушување на односите со скопското подземје.
И можеби началникот не е толку виновен, колку што е министерот кој очигледно не може да собере храброст да отстрани само 30-тина луѓе кои блокираат цел град, узурпирајќи државен имот.
Нема храброст полицијата да отстрани блокада од луѓе кои протестираат затоа што им е разбиена „ноќната“ смена. Смена која се користи за разни „дилови“, а успатно и за чистење на градот.
„Ајде да си одите од тука, мрш!“, „Наша е владата и парламентот, и градот“ беа дел од навредите кои комуналците ги испратија на адреса на насобраните полицајци кои, видоа-невидоа подвиткаа опашките и си заминаа.
Статисти, а не полиција.
Кога државата ја контролираат банди, а полицијата е уплашена од десетина луѓе – додека крева чалам на мирен народ – заеби правна држава и владеење на право. Всушност, држава и нема.