Поради зголемената опасност од шумски пожари, во делови од Халкидики од утре, 23 август, ќе биде ограничено движењето на пешаци и возила.
Мерката ќе важи од 08:00 до 20:00 часот и ги опфаќа одредени шумски подрачја во општините Касандра, Ситонија и Аристотел.
Најголем дел од зоните се наоѓаат во шумски и туристички подрачја, каде поради високите температури постои зголемен ризик од избувнување и брзо ширење на пожари.
Полицијата и противпожарните екипи ќе вршат засилени контроли, а ќе се евидентираат и регистарските таблички на возилата што ќе бидат забележани во забранетите подрачја. Исклучок се лицата ангажирани во доброволни противпожарни активности.
За непочитување на мерката е предвидена глоба од 300 евра.
Надлежните во Халкидики ги повикуваат жителите и туристите да ги почитуваат ограничувањата и да избегнуваат влез во шумските зони додека трае опасноста од пожари.