Заменик претседателот на владата и министер за транспорт, Александар Николоски, денес изјави дека железничката линија од Скопје до Кичево треба да биде завршена за две до две и пол години по завршувањето на студиите.
“После завршувањето на студиите за две до две ипол години е реално да се заврши, затоа што веќе е трасирана. Таа ќе биде комплетно нова со сигнализација и електрификација, трасата ја имаме, немаме експропријација и нема имотно прави односи што најчесто ги одлага проектите.”
Според европските прописи, се работи за Коридорот 8, истакна министерот, нагласувајќи дека овие прописи мора да се почитуваат. “Мора да се изработи највисока еколошка студија особено што ова подрачје е заштитено и врз основа на тие податоци кои ќе ги добиеме од еколошката студија од физибилити студијата и од идејното решение ние ќе знаеме колку средства ќе чини,” појасни Николовски, одговарајќи на прашања од новинарите по прес-конференцијата на која беше објавено дека државата ја добила правната битка во случајот „Казандол“.
Тој појасни дека во моментот постои индикативна сума за делницата од Скопје до Гостивар, но замоли, во случај на промени во следните година до година и половина, да не биде цитиран од страна на медиумите. “Затоа велам дека е индикативна цена и таа за делот од Скопје до Гостивар е некаде над четири милиони евра по километар, што значи дека ако тоа го помножите по 79 километри, колку што има од Скопје до Гостивар, може да ја добиете сумата,” рече Николовски.
На прашањето за изворите на финансирање на изградбата, тој рече дека ќе се искористат сите можности, а како приоритетен услов ќе биде обезбедување на поволни финансиски средства, како што е случајот со Коридорот 10.
Во однос на динамиката на изградба на Коридорот 8 од Тетово до Кичево, министерот информираше дека во моментов се одвиваат сериозни градежни активности за изградба на автопатот Тетово-Гостивар. “Таму оди одлично би можел да кажам. Имаме договор со изведувачот сите 16 мостови народски кажано, односно натпатници прво да бидат изградени новите, па после тоа да бидат урнати постојните што значи нема да има ниеден дел застој во сообраќајот и одиме таму на рокот до втора половина на 2027 година овој автопат да е завршен.”
За делот Гостивар – Букојчани, Николовски рече дека добил уверување на вчерашниот состанок со изведувачот дека со почеток на новата градежна сезона во март 2026 година ќе започнат да работат и од другата страна, односно од кај Кичево, што значи дека за првпат во историјата на државата автопат ќе се работи од две страни, што сериозно ќе ја забрза динамиката на изградбата. “Ако првично се планираше да заврши на крајот на 2029 година сега очекуваме да заврши на крајот на 2028 година,” истакна Николоски.
Во моментов, во соработка со Европската банка за обнова и развој, како што посочи, е активен повик за финансиски понуди за изградба на спојката меѓу Охрид – Кичево и Букојчани – Гостивар – Тетово. Тој појасни дека станува збор за делницата од Кичево до Букојчани, во должина од 11 километри, а рокот е до крајот на септември. “Доколку имаме вовед во работа зависи од временските услови во текот на доцната есен исто така во 2028 година треба да е готов, што значи дека од Скопје преку Тетово, Гостивар, Кичево до Струга и до Охрид имаме целосно автопатско решение до 2028 година,” заклучи Николовски.
рп/вј/ .
Извор: МИА