Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, очекува во скоро време да биде објавено воведување на нови авиолинии со државна помош, а разговорите се насочени кон воспоставување врски преку аеродромот во Охрид.
“Вчера објавивме пет нови дестинации од коишто ќе се лета од Скопскиот аеродорм, вкупно 16 откако е избрана оваа Влада, за брзо време очекувајте и нови”, изјави Николоски, по доделувањето на сертификати за кандидати за обука на пилоти со финансиска поддршка од државата.
Компанијата “Визер” од ноември ќе оперира летови од Скопје до Мадрид и Стокхолм, а од декември до Прага, Бари и Келн. Дополнително, ТАВ Македонија денес извести дека се воведува и претходно најавената линија до Ларнака, Кипар.
Авионските карти се веќе достапни за купување на веб-страницата на “Визер” за Стокхолм, Бари и Мадрид, со по три неделни летови, како и за Прага и Ларнака, со по два лета неделно. Летовите кон овие нови дестинации ќе започнат со почетокот на зимската сезона 2025/2026, односно кон крајот на октомври, почетокот на ноември и декември.
Од петте нови дестинации, како што нагласи Николоски, четири се сосема нови.
“Порано се викало Сткохолм, а тоа било 100 и нешто километри од Стокхолм, сега зборуваме за главниот аеродром во Стокхолм, Мадрид исто така е главниот аеродром, Бари, исто така, Клен се оперирало и сега се враќа и Прага е исто така главниот аеродром. Тоа е многу голема разлика отколку аеродроми кои се ословуваат со главниот град или градот кој е поголем центар, но за жал не се такви. Нашата цел е да одиме на аеродроми коишто се најблиску до дестинациите каде што се лета и ќе продолжиме во следнит период. Очекувам за брзо време да имаме објава на нови дестинации”, рече Николоски.
Во однос на новите авиолинии, тој напомена дека нема измени во начинот на финансирање, односно субвенциите ќе се исплаќаат по патник во пристигнување, а не во заминување, девет евра на скопскиот аеродром и 12 евра за охридскиот аеродром.
“Кога бевме избрани лани ја согледавме состојбата. Секоја година со ред имаше пад на авосообраќајот помеѓу 20 и 25 проценти, зборувам за периодот после корона кризата. Но, после корона кризата, кога другите аеродроми во регионот почнаа да растат и имаше еден бум на тие аеродорми, скопскиот и охридскиот продолжија да тонат. Така што, решивме да направиме нешто. Првиот потег беше да се промени политиката на субвенционирање, вториот беше да даваат субвенции за патници коишто доаѓаат во Македонија, а не патници коишто заминуваат од Македонија”, изјави Николоски.
Тој, исто така, посочи дека се зголемува ангажманот на македонски кадар, истакнувајќи дека нискобуџетната авиокомпанија “Визер” има повеќе од 200 вработени во земјава, што според него е колку една фабрика од средна големина.
“Секако таа бројка може да расте и ќе расте доколку и имаме соодветен потенцијал и капацитет”, заклучи Николоски.
Претставници од ТАВ Македонија изјавија дека овие нови авиолинии ја покажуваат нивната заложба за проширување на поврзаноста и можностите за патување.
“Обезбедувањето дестинации како Стокхолм, Бари, Мадрид, Прага, Келн и претходно најавената Ларнака – особено новите пазари – бара долгорочни преговори и тесна соработка со авиокомпаниите и туристичкиот сектор. Како аеродромски оператор со визија и стратегија да го направи Меѓународниот Аеродром Скопје регионален центар, со огромната поддршка од Владата, и нашата програма за стимулации, нашата цел е привлекување авиопревозници, особено за воведување летови до популарни дестинации за одмор. Овие нови авиолинии отвораат нови можности за туризам, вклучувајќи летни одмори и краток одмор во европски метрополи, со што се зголемува одржливиот сообраќај и се зајакнува нашето присуство на европската туристичка мапа. Конечно, ваквите развојни активности го зголемуваат и бројот на странски туристи во земјава преку овие авиолинии, придонесувајќи за одржлив раст на сообраќајот”, изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.
Од ТАВ Македонија додаваат дека новите авиолинии од Меѓународниот аеродром Скопје ги поврзуваат патниците со разновидни и интересни дестинации: Стокхолм за запознавање со скандинавската култура, Бари како врата кон Јужна Италија и Јадранското крајбрежје, Мадрид како важен европски центар за бизнис и забава, Прага со својот историски шарм на Централна Европа, Келн, жив град на реката Рајна, познат по својата богата историја и динамична култура, и Ларнака, популарна дестинација со медитерански плажи во текот на целата година.
Во првата половина од годината, скопскиот и охридскиот аеродром заедно превезле 1,5 милиони патници, што претставува зголемување од 5, односно 11 проценти.