Македонија има стратешка позиција на Балканот, тука се пресекуваат двата транспортни коридора 8 и 10, што ја прават централна транзитна држава на европскиот транспорт. Владата го реализира најобемниот инвестициски циклус од неколку милијарди евра за изградба и модернизација на патната и железничката мрежа во државата. Во такви услови, инженерска експертиза има силно влијание во реализација на проектите, истака денеска вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски на научната конференција „Eurock 2026” што ја организираа Друштвото за геотехника на Македонија и Градежниот факултет.
Како што оцени Николоски, престиж е што Македонија е домаќин на еден од најголемите собири во делот на градежништвото, каде неколку стотини професори од целиот свет диксутираат за инженерски предизвици.
-Скопје и Македонија имаат чест да се домаќини оваа година и тоа не е случајно, тоа е заради победата која што во 2023 година Градежниот факултет ја однесе на собирот во Салцбург, каде што го освои првото место во делот на иновативност и затоа оваа година овој собир се случува во Скопје. Навистина е прекрасно да се видат некаде околу 600-тини професори од целиот свет, од сите делови на светот како дискутираат за најголемите инженерски предизвици кои што се во делот на градежништвото, нешто што секако ќе помогне многу и на нашиот факултет и на нашите професори и научници кои што секако ќе ни помогнат и на нас да реализираме уште повеќе проекти, напомена Николоски. мч/вг/
фото: Министерство за транспорт