Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, денес од Кичево изјави дека изведувач за градење на автопатот Кичево – Букојчани ќе биде избран на почетокот од идниот месец, а доколку временските услови го дозволат тоа, веднаш ќе се започне со градба.
„До среда е рок за достава на понуди на автопатот Кичево – Букојчани. Тој го работиме заедно со ЕБОР.“
Проценетата вредност изнесува околу 123 милиони евра, кои се обезбедени во соработка со ЕБОР, а 20 отсто од средствата се грант.
„Очекувам до крај на овој месец, почетокот на следниот месец да имаме избрано Изведувач и доколку не послужат временските услови, а доколку не, со почетокот на следна градежна сезона во март да почнеме со изградба и на овој автопат кој што очекувам во период од 3 години да се заврши.“
Дополнително, во тек е најголемиот инженерски подвиг, односно изградбата на автопатот од Букојчани до Гостивар, попознат како Стража. Од проектираните 33 км, веќе се пробиени 17 км.
Од март ќе продолжат пробивањата на преостанатите километри и за првпат ќе се гради автопат од двете страни. Се очекува и овој автопат да биде завршен до 2028 година, со што Кичево до крајот на 2028 година ќе стане центар на автопатското поврзување на Коридорот 8, што значи дека ќе се патува по автопатско решение и кон соседна Србија, соседна Албанија и Грција, потенцираше Николоски.
Тој исто така најави дека до пролет тунелите на автопатот Кичево-Охрид ќе бидат отворени за сообраќај. „Таму имаме 16 проблематични косини.“
„На две од нив се работи од страната на Кичево, а за останатите проектирањето завршува на 1 ноември. До пролет очекувам и тунелите да бидат пуштени во употреба, а останите делови на автопатот да се пуштаат сукцесивно“, изјави вицепремиерот Николоски.