Почетна ЕкономијаТужбата на Трамп против „Њујорк тајмс“ отфрлена од судот

Тужбата на Трамп против „Њујорк тајмс“ отфрлена од судот

од nenad
1 минути читај за

Федерален суд во САД вчера ја отфрли клеветничката постапка на претседателот Доналд Трамп против „Њујорк тајмс“, со образложение дека е непотребно опширна и детална.

Судијата Стивен Меридеј од Окружниот суд на САД за областа на Флорида му даде на претседателот рок од 28 дена да ја ревидира својата тужба.

Тужбите мора да бидат составени „фер, прецизно, директно и економично“, наведе Меридеј. Во моменталната форма, тужбата достигнува 85 страници, иако според судијата се однесува само на две точки за клевета.

„Тужбата не е мегафон за односи со јавноста“, напиша тој во неговата одлука, советувајќи го Трамп да ја скрати својата нова верзија на 40 страници.

Трамп претходно во понеделникот соопшти дека ќе покрене тужба за клевета против весникот и некои од неговите новинари. „На „Њујорк тајмс“ му беше дозволено премногу долго да лаже, да ме клеветува и да ме оцрнува, и тоа мора да престане, сега“, напиша Трамп на Truth Social. Трамп бара оштета од 15 милијарди долари од весникот.

„Њујорк тајмс“ ја отфрли тужбата како неоснована. „Тужбата нема никаква правна вредност. Таа е лишена од каква било легитимна правна основа и наместо тоа претставува обид за задушување и обесхрабрување на независното известување“, изјавија од весникот.

„„Њујорк тајмс“ нема да биде заплашен од закани. Ќе продолжиме да ги известуваме фактите без страв или фаворизирање и да се залагаме за правото на новинарите од Првиот амандман да поставуваат прашања во име на американскиот народ“, додаваат од весникот.

Овој случај е еден од неколкуте кои дополнително ја интензивираа дебатата во Соединетите Држави околу правото на слобода на изразување. мс/фото: ЕПА. Извор: МИА