Од целото семејство Ликов, денес жива е само Агафија која има 80 години и сѐ уште живее сама на Сибир
Семејството Ликов повеќе од 40 години живеело во најнедостапниот дел на Сибир, место заборавено и од Бог.
Карп Ликов свесно го одбрал ова место за себе и за своите деца. Карп заедно со жена му Акулина и со нивните две мали деца, дошле во овој запустен појас во Русија, место што без претерување може да се нарече „ледена пустина“.
Ова семејство на православни староверци побегнало во шума во 1936 година за да одбегне верски прогон.
На ова изолирано место двојката добила уште две деца, па сите шестмина цели 43 години живееле без допир со цивилизација и какво било човечко суштество. Децата се разбирале со извици, но сите биле исклучително интелигентни и физички силни.
Во 1978 година ги открила група геолози, кои им раскажале сѐ за надворешниот свет. Интересен е фактот што семејството Ликов воопшто не знаело дека имало Втора светска војна.
Геолозите останале со семејството Ликов три години, но тоа скапо ги чинело. Иако не е докажано, постои сомнеж дека три члена на семејството Ликов починале како последица од контакт со патогени со кои се немале сретнато дотогаш. Па така, живи останале само стариот Ликов и неговата најмала ќерка Агафија, бидејќи мајката починала од глад една година пред да ги најдат геолозите.
Поврзани објави
По смртта на татко ѝ, Агафија Ликов сѐ уште живее сама во овој запустен дел од Русија. Не сакала да си замине оттука и покрај сите предупредувања на луѓето што ја посетувале. Кога минатата година ѝ кажале за војната и за можната опасност што ѝ се заканува, таа им рекла:
„Ова е мојот дом и јас не знам за подобро.“
Инаку, Агафија трипати дошла до градот, имала контакт со цивилизација по 30 години, а еве како го опишала тоа искуство:
„Има толку многу автомобили, зошто? Толку многу чад излегува од нив, не може да се дише“, рекла таа тогаш.
Откако нејзината приказна пристигнала до јавноста, донатори ѝ изградиле нова куќа со соларни плочи кои ѝ овозможиле да користи сателитски телефон.
Деновите ги поминува така што чува 6 кози и се грижи за три мачки и еден пес, кого го вика Цветочек (Цвет).
Таа денес има 80 години и многу е здрава.
„Дали постои нешто што би ја натерало да го напушти својот дом? Веројатно не“, вака пишуваат руските медиуми за Агафија.