Table of Contents
Катерина Попева ни откри што сака, а што не сака кај себе
Некои луѓе ги поврзуваат мускулите со недостиг на женственост, но таа постојано го докажува спротивното. Катерина Попева долги години се занимава со фитнес и бодибилдинг и постигнува големи успеси на разни натпревари, од кои последно заврши во најдобрите топ три на светскиот куп во Санта Сузана и освои бронза на Светското првенство во фитнес во Токио, Јапонија. Иако има многу што да се научи од неа на тема фитнес, овој пат не зборувавме за нејзиниот режим на исхрана и вежбање, туку за тајните на нејзината убавина.
Што ти дава најголема мотивација да продолжиш со твојот активен животен стил?
Едноставно премногу го сакам чувството додека вежбам и чувството по тренинг. Натпреварите ми се голема пасија и овој спорт ме научи многу за животот и ме изгради како личност. Преку ова научив многу работи за себе и другите и станав подобар човек. Најголема мотивација да продолжам со ова ми е тоа кога гледам колку им помагам на другите да го извлечат најдоброто од себе и никогаш да не се откажуваат. Живеам за лицата и насмевките на моите клиенти по завршениот тренинг. Сакам да ги гледам луѓето среќни, насмеани и задоволни.
Колку често се соочуваш со коментари дека мускулестите жени не можат да бидат женствени?
Многу луѓе го коментираат ова, но тоа е апсолутно погрешно. Женственоста доаѓа однатре. Самиот збор „бодибилдинг“ најчесто се поврзува со нешто грубо, па затоа важи за машки спорт. Но тоа во превод значи градење на телото. Освен тоа, кога настапуваме носиме сценски костим, бикини, потпетици и шминка и позираме во многу женствени пози. И тоа како сме женствени и елегантни!
Поврзани објави
Како изгледа твојата рутина за убавина?
Секое утро откако ќе го измијам лицето, ставам серум со витамин Ц и хијалуронски крем за лице од јапонска или корејска козметика. Потоа, ставам заштитен фактор, малку руменило и сјај за усни. Навечер го мијам лицето со пена со витамин Ц, па нанесувам ретинол и ноќен хијалуронски крем. Редовно користам и вечерна маска за лице. Многу ја негувам косата за да ја одржам здрава и сјајна, а за тоа задолжен е „Бубе студио ИН“. Масажите и пилинзите на телото исто така се рутини од кои не отстапувам. Важно ми е кожата да ми е негувана комплетно од глава до петици. А ноктите секогаш мора да ми се средени, дури и да е крај на светот! (се смее).
Си имала ли период во животот кога си се чувствувала несигурно во себе?
Физички не сум си ги сакала листовите, но со работа и труд, успеав да го сменам тоа. Кога бев помлада, мислев дека никогаш не сум доволно добра за другите. Тоа ме правеше страшно несигурна и ранлива. Но го надминав тоа со работа на себе. Сметам дека сите имаме несовршености кои нè прават посебни на некој начин. Дури и тие што навидум изгледаат самоуверено, имаат свои стравови и несигурности. Тоа е сосема нормално, само треба да си ги признаеме и да работиме на себе за да ги надминеме. Баба ми беше психолог и имаше многу интересни методи за надминување разни проблеми. Многу научив од неа и денес ги применувам нејзините совети на себе и во работата со клиентите. Бабо, бескрајно ти благодарам за сите трикови и за сите книги што ме натера да ги прочитам!
Што сакаш, а што не сакаш кај себе?
Можеби би ја издвоила девијацијата на носот како нешто што би го сменила, но ете, со текот на времето се засакав себеси и таква несовршена. Во наредниот живот би сакала пополни образи (се смее). Карактерно, секојдневно работам на многу особини. Тоа што сум брутално искрена веќе не знам дали е добро или лошо, бидејќи многу често сум погрешно сфатена. Исто така работам на мојата импулсивност и се стремам да научам како да прифатам помош кога ќе ми се понуди, наместо да правам сè сама и да си создавам непотребен притисок.
Разговарала: Марија Лукаревска
ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА