Празнично украсени и оваа година ќе бидат повеќе локации во општина Центар за жителите на оваа општина да можат да уживаат во новогодишната атмосфера. На Сквер Јадран, Боемска, Сквер Капиштец и паркот во Капиштец и на неколку други локации ќе бидат поставени елки, светлосни фигури и украси, а ќе се постават и дрвени куќички со новогодишни декорации кои ќе ја надополнат празничната атмосфера.
Целта на овој ангажман е да се поттикне заедничко празнување, радост и оптимизам во пресрет на Новата година. Општина Центар продолжува со својата посветеност да го направи овој период од годината посебен за секој жител и посетител – информираат од Центар.
Планирано е на Сквер Јадран да се постави новогодишна елка висока најмалку 9 метри, опремена со лед осветлување и светлосни фигури, како и мрежи со сијалички и светлосни конструкции долж скверот. Просторот ќе биде украсен со светлосни елементи за да се создаде топла и свечена атмосфера.
Елка ќе има и на улиците Боемска 1 и Боемска 2, како и мрежи и специјални осветлувања во облик на ѕвездено небо, кои ќе го збогатат празничното доживување на сите посетители. На бандерите ќе бидат поставени декоративни светлосни фигури, кои ќе внесат дополнителен празничен дух. Ѕвездено небо ќе се постави и на улицата Орце Николов, додека скверот пред општинските бараки ќе биде украсен со мрежи со лед сијалички на дрвјата, светлосни фигури и лед мрежи, кои ќе го направат просторот посебно привлечен за семејства и посетители.
На улицата Народен Фронт ќе се постави светлосен портал и светлосни фигури во форма на топки, како и дополнителни декоративни елементи долж улицата. Украсено ќе биде и во Капиштец, каде ќе биде поставена висока елка, заедно со светлосни мрежи и метални конструкции со лед осветлување, а во паркот се предвидува украсување на дрвјата со светлосни мрежи и лед сијалички и светлосни фигури.
На кружниот тек помеѓу улиците Антоние Грубишиќ, Пиринска и Наум Наумовски Борче ќе се постави столбна елка, светлосни фигури во форма на цветови и мрежи со сијалички.Општина Центар планира и новогодишна прослава на отворено за што веќе се преговара со изведувачи од домашната музичка сцена.