Table of Contents
Во време кога бучавата од неиздржани мислења и поделени табори е погласна од фактите, тој инсистира на вистина. Александар Видиновски е новинар кој неуморно ги посочува недостатоците на општеството во кое живееме и не се плаши гласно да го каже своето мислење.
„Да се инсистира на вистина во ера на ‘гласни фејсбук-мислења’ е исто тешко како да барате локалните власти редовно да ги чистат општините“, ќе каже нашиот соговорник Александар Видиновски, кој веќе 17 години се труди да ја разобличи вистината во улога на новинар. Неговото најмоќно „оружје“ е камерата, а заканите и обидите за замолчување му служат како потврда дека е на вистинскиот пат. Предизвиците наместо да го разнишаат, го прават посилен, постабилен човек, кој не се заплашува лесно. Препознатлив по својот директен пристап, без маски, без калкулации и со јасна линија меѓу фактите и суетата, Александар се стреми да биде промената што сака да ја види во државата.
Колку приватно се разликуваш од оној Александар што луѓето го гледаат на телевизија и на социјалните мрежи?
Кратко кажано – не постои никаква разлика. Во ера на дигитални филтри, премногу е исцрпувачки да проектирате слика која не е вашата вистинска. Одамна расчистив со сопствените мани и со начинот на кој изгледам или зборувам. Она што го гледате на екранот или на социјалните мрежи е истиот Александар како и во приватниот живот. Нема ништо поослободувачки од тоа да не морате да глумите „подобра“ верзија на себе. Неискреноста е тежок товар, кој не сакам да го носам, а тие што ме познаваат, знаат дека пред камерата немам маски.
Кој би сакал да ти гостува во дебатната емисија „Само вистина” и зошто?
Дефинитивно Гоце Делчев. Неговиот сон за слободна Македонија е остварен, но неговиот идеал сè уште не е достигнат. Тој рекол: „Внатрешната организација не се стреми само да им дава оружје на луѓето, ами и да го разбие нивниот ропски дух“. Би го прашал: како да го победиме тој ропски дух и денес во 2026 година? Ропски менталитет е кога друг ти ја крои судбината. Кога чекаш друг да ти го исчисти ѓубрето или да го постави македонското знаме пред националните институции. Сè уште чекаме некој друг да ни ја заврши работата.
Кој општествен проблем моментално најмногу те допира и сметаш дека би требало да му се обрне поголемо внимание?
Многумина ме гледаат како „еколошки“ новинар. Не ми пречи, но приказната е многу подлабока. Поводот за репортажите е сметот и валканиот простор, но причината е што со тоа покажуваме колку не ја сакаме и не ја почитуваме Македонија. Се изгуби значењето на љубовта кон нашето. Мораме да ја средиме околината на државните институции и мораме да изградиме однос кон сите државни симболи. Тоа е прво и основно. МАКЕДОНИЈА СЕ САКА СО УБАВИНА.
Како се справуваш со критиките? Имаш ли механизам како да се исклучиш од целата бучава?
Не бегам од „бучавата“, бидејќи таа е пулсот на реалноста. Ако се апстрахирам од неа, ќе го изгубам фокусот. Клучот е во филтрирањето: веќе лесно разликувам конструктивен став од обична партиска пропаганда. Втората едноставно ја игнорирам. Критиките од граѓаните се оние кои се трудам да ги применам – тие ме градат како човек и професионалец. Забелешките на политичарите, пак, најчесто се еднострани и мотивирани од лукративни или себични интереси, па затоа ретко кога навистина допираат до мене.
Поврзани објави
Иако денес е некако излишно да се зборува за родова рамноправност, сметаш ли дека жените во јавниот простор мора да вложат повеќе за да бидат сфатени сериозно?
За жал, да. Дури и моите колешки новинарки често се жалат дека, бидејќи се млади и жени, не ја добиваат истата почит од машките соговорници. Сметаат дека мора да вложат многу повеќе за да бидат третирани како квалитетни водителки. Тоа е точно. Сум бил сведок на потценувачки однос од одредени гости. Сепак, тоа се исклучоци, а не правила, но појавата е присутна.
Вистина ли е дека новинарите немаат слободно време?
Тоа е најголемата вистина – работно време не постои. Или си новинар, или не си. Дури и во „слободно време“, шетајќи низ градот, мозокот сам ги лови проблемите. Фотографирам и запишувам теми кои подоцна добиваат свој епилог пред камерата или во студиото. Кога ја сакаш оваа работа, тоа не е товар, туку задоволство. Јас понекогаш се чувствувам како „невработен“ човек, бидејќи ја имам таа ретка привилегија секој ден да го работам она што вистински го сакам и во што искрено верувам.
Која е ултимативната цел што би сакал да ја постигнеш и како новинар и како човек?
Сакам барем малку да направам промена на подобро. Сакам да го редефинираме и популаризираме значењето на вистинскиот патриотизам. Да бидам промената што сакам да ја видам во државата. Да оставам нешто зад себе. Да го продолжам сонот на нашите предци за слободна, модерна, космополитска, чиста Македонија – држава на среќни граѓани, кои знаат кои се и што се. И секако, да му го дадеме на светот најдоброто од нас.
Разговарала: Марија Лукаревска
ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА