На 79-годишна возраст, почина Снежана Стамеска, една од најзначајните актерки на македонскиот театар, соопшти нејзината долгогодишна матична куќа Драмски театар од Скопје.
Стамеска беше првенка на Драмски театар Скопје и една од ведетите на македонското глумиште. Дипломирала на Театарската академија во Белград во 1970 година и од нејзиното вработување во 1971 до пензионирањето во 2010, Стамеска беше член на ансамблот на Драмски театар Скопје. Низ исклучително плодната актерска кариера одиграла преку седумдесет улоги во матичниот театар и на сцените на неколку други македонски театарски куќи.
Поврзани објави
Таа реализираше многу значајни телевизиски и филмски улоги. Исклучителната популарност Снежана Стамеска ја стекна во осумдесетите и деведесетите години кога публиката ја засака во улогите на Пандора во Солунски патрдии (1979), Вера во Диво месо (1979), Шина во телевизиската серија Трст виа Скопје (1987), Вера во Среќна Нова ’49 (1985), и Паца во „Викенд на мртовци“ (1985).
Посмртните останки на актерката беа изложени денес од 10 часот во капелата на гробиштата Бутел.
Од Драмски велат дека дополнително ќе ја објават информацијата за денот на одржување на комеморацијата.