Иако мачките често го сакаат вкусот на млекото, кравјото млеко може да им предизвика дигестивни проблеми и непотребно да го оптовари организмот.
Многу луѓе сè уште веруваат дека мачките треба да пијат млеко, но ветеринарите предупредуваат дека тоа најчесто не е добар избор. Повеќето возрасни мачки со текот на времето произведуваат сè помалку лактаза, ензим потребен за разградување на лактозата.
Кога лактозата не се вари правилно, може да предизвика дијареја, надуеност, гасови, болки во стомакот и повраќање. Симптомите обично се појавуваат неколку часа по консумирањето млеко. Доколку траат подолго од 24 часа, мачката не може да задржи вода или станува безволна, потребно е да се консултира ветеринар.
Поврзани објави
Дури и мачките кои ја поднесуваат лактозата не треба редовно да пијат кравјо млеко, бидејќи тоа содржи дополнителни калории, масти и шеќери. Ниту растителните напитоци, како бадемово, овесно или кокосово млеко, не се добра замена, бидејќи можат да содржат шеќери, сол, масла и други состојки кои не им се потребни на мачките.
Кај мачињата ситуацијата е поинаква, но ни тие не треба да добиваат кравјо, козјо или овчо млеко. Ако се одвоени од мајката и им е потребна дополнителна исхрана, треба да се користи специјална формула наменета за мачиња. За возрасните мачки, пак, најдобар избор е свежа вода, која треба постојано да им биде достапна.
pexels – macka