Почетна МакедонијаНајмалку 17 Палестинци загинаа во израелски напад врз училиште во центарот на Газа

Најмалку 17 Палестинци загинаа во израелски напад врз училиште во центарот на Газа

од nenad
2 минути читај за


Најмалку 17 Палестинци, меѓу кои и деца, беа убиени во израелски напад врз училиште во кампот Нусејрат во централниот дел на Појасот Газа, каде што се засолниле луѓето раселени од борбите, објави болницата Нусејрат ал-Авда. Израелската војска објави дека погодила командно-контролен центар на Хамас лоциран во комплекс на згради во Нусејрат, кој претходно бил користен како училиште. Персоналот во болницата ал-Авда во бегалскиот камп Нусејрат извести дека многу луѓе биле ранети во нападот.

Голем број жители внатрешно раселени поради конфликтот побарале засолниште во зградата, велат вработените. Надежите дека убиството на лидерот на Хамас Јахја Синвар може да отвори можност за прекин на непријателствата досега не се реализирани и покрај повиците од меѓународната заедница до Израел да ја искористи таа можност. „Наместо да се постигне примирје во северниот дел на Газа, војната повторно започна.

Опколени сме, гладуваме, а во исто време нè бркаат и напаѓаат од воздух и со тенкови“, изјавил, еден жител на Џабалија, пренесе Ројтерс. Во четвртокот, лекарите во индонезиската болница, една од трите установи кои сè уште работат во опасната област, рекоа дека еден колега бил убиен во израелски престрелки, а друг бил приведен на пат кон работа.

Здравствените власти во три болници велат дека останале без медицински материјали, храна и гориво. Тие, исто така, рекоа дека ги одбиле израелските наредби за евакуација на установите, а еден од условите е да ги остават пациентите без надзор.

Луѓето останаа без спасувачки служби

На конференцијата одржана во четвртокот, портпаролот на спасувачката служба потврди дека луѓето во споменатите области останале „без хуманитарни, медицински или спасувачки услуги“. Операцијата започната на север ги поттикна стравувањата кај Палестинците дека израелските сили ја чистат областа за да создадат ненаселена тампон зона за армијата по војната или да го отворат патот за враќање на доселениците кои се повлекоа од Газа во 2005 година.

Израел ги негираше таквите инсинуации и го обвини Хамас дека ја попречува евакуацијата на цивилите за да гарантира засолниште за сопствените сили, што Хамас го негира. Војната влегува во втората година, а бројот на загинати во израелската кампања во Газа е речиси 43.000. Густо населената енклава е во урнатини, а речиси целото население е раселено. Израелските власти допрва треба да артикулираат јасен план за иднината на Газа по војната, а меѓународните напори за постигнување прекин на огнот се чини дека засега се во застој.