Почетна ЕкономијаНајголемиот настан на безбедносната индустрија во Југоисточна Европа, Adria Security Summit 2025, свечено беше отворен по јубилеен десетти пат во Скопје

Најголемиот настан на безбедносната индустрија во Југоисточна Европа, Adria Security Summit 2025, свечено беше отворен по јубилеен десетти пат во Скопје

од nenad
3 минути читај за

 

Најголемиот настан на безбедносната индустрија во Југоисточна Европа, Adria Security Summit 2025, свечено беше отворен по јубилеен десетти пат во хотелот „Александар Палас“ во Скопје. Овој дводневен собир обединува повеќе од 2000 учесници и 111 изложувачи од целиот свет, кои ги претставуваат најновите решенија од областа на видео надзорот, контролата на пристап, противпровалните системи, пожарната заштита, физичката безбедност, сајбер безбедноста, ИТ и ИКТ технологиите, автоматизацијата и паметните технологии. Целта на Самитот е унапредување на соработката, размената на знаења и бизнис поврзувањето во рамките на безбедносната и технолошката заедница на Југоисточна Европа. Самитот го организира стручниот магазин a&s Adria, член на глобалната групација на a&s безбедносни медиуми, која е дел од портфолиото на најголемиот европски организатор на саеми и конгреси компанијата Messe Frankfurt.

Претседателот на организацискиот одбор на Adria Security Summit, Махир Хоџиќ, истакна дека токму заедничката визија, соработката и иновациите се тие што овозможуваат создавање на нова вредност во безбедносната индустрија.

Скопје овие денови е регионален центар на безбедносната индустрија, место каде преку повеќе од 40 предавања и панели се претставуваат иновации и примери на добра пракса, а на B2B средбите се договараат нови деловни соработки и партнерства. Посебно им се заблагодарувам на претседателите на сите стручни комори од регионот кои нè поддржуваат и на тој начин му даваат дополнителен кредибилитет на овој настан“, истакна Хоџиќ и ги повика претставниците на индустријата повторно да се соберат на 5 и 6 ноември во Букурешт, на првиот Romanian Security Summit, наменет за пазарот на безбедност во Источна Европа.

Министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Панче Тошковски, ја нагласи важноста на соработката и заедничкото дејствување во современото безбедносно опкружување. „Живееме во време кое носи нови предизвици во безбедносниот сектор, поради што ваквите средби се од клучно значење. Тие претставуваат мост меѓу приватниот и јавниот сектор, место каде што се среќаваме и заеднички градиме побезбедно општество. Нашето министерство е целосно посветено на унапредување на секторот преку дигитализација и модернизација“, рече Тошковски, при што им се заблагодари на организаторите, истакнувајќи дека токму ваквите настани поттикнуваат нови соработки и размена на добри практики во регионот.

Претседателката на Комората за приватна заштита на Република Северна Македонија, Верица Милеска Стефановска, изрази задоволство што Скопје е домаќин на најголемиот регионален настан во областа на безбедносната индустрија. „Заеднички треба да се залагаме за подобра безбедност и заеднички одговори на современите безбедносни предизвици. Во наредните два дена искористете ја приликата да се запознаете, да се вмрежите и заеднички да придонесеме за поголема општа безбедност. На организаторите на Adria Security Summit им посакувам уште многу години успешна работа“, рече Милеска Стефановска.

Лео Левит, претседавач на Управниот одбор на ONVIF, глобално тело што ги обединува производителите на безбедносна опрема во изработката на стандарди кои ќе ја зголемат интероперабилноста на безбедносната опрема, го истакна значењето на Adria Security Summit како место што ги поврзува експертите и го поттикнува развојот на индустријата. „Ова е вистинска платформа на која се среќаваат експерти од целиот регион. Ваквите настани играат клучна улога во зајакнување на соработката и размената на знаење во рамките на безбедносната заедница. ONVIF работи во истиот правец – создавајќи глобална платформа што им овозможува на производителите да соработуваат и заеднички да придонесат кон побезбедно и по поврзано општество“, нагласи Левит.

Покрај богатата изложбена програма, Adria Security Summit 2025 вклучува и конференциски дел со стручни панели, предавања и презентации на водечки меѓународни и регионални експерти. Новитет на овогодинешниот Самит е Adria Smart City, нова платформа што првпат се организира паралелно со Самитот и е посветена на паметни технолошки решенија за управување со градовите.