Почетна Убавина и здравјеНаучете да живеете како Италијанците и уживајте во секој банален момент! – Убавина и здравје

Научете да живеете како Италијанците и уживајте во секој банален момент! – Убавина и здравје

од nenad
3 минути читај за

Да наздравиме за слаткиот живот!

Со свежи импресии и вкусот на фокача, верментино и трофи ала песто сѐ уште во мојата уста, без дилема го прогласувам терминот „долче вита“ за мој омилен во претстојниот период или барем додека ми исчезне мирисот на лук и босилек што доминираше низ италијанските сокаци. Станува збор за фраза што е добро позната во земјите ширум светот, а се однесува на ставот што го имаат Италијанците кон животот. Кога ќе се спомене Италија, секако дека веднаш помислуваме на сонце, неверојатни пејзажи, музика, мода, уметност, древна историја и грандиозна архитектура. И точно е дека Италијанците навистина уживаат во сите убавини што им ги нуди нивната земја, а кои ги има во изобилство. Четирите дена што ги поминавме низ различни градови во Италија од нашето седумдневно патување беа доволни за одново да се уверам во тоа. Велам одново затоа што не ми беше првпат да ја посетам оваа „бел паезе“, но кога и да одам сфаќам дека никогаш не ми е доста од неа.

„Долче вита“ на Федерико Фелини

Изразот „долче вита“, во буквален превод „сладок живот“, потекнува од истоимениот филм на Федерико Фелини од 1960-тите години кој има освоено „Златна палма“ на 13. Кански филмски фестивал, како и „оскар“ за најдобри костими. Дејството се случува кон крајот на 1950-тите, кога Рим доживува економски цут по катастрофите на Втората светска војна. Луѓето си ја враќаат волјата за живот и уживаат во медитеранската клима, забавите и убавините на овој прекрасен град. Во филмското студио „Чинечита“ не се снимаат само италијански филмови, туку и американски, па така Рим станува збирно место на многу актери, режисери, авантуристи, интелектуалци, уметници и аристократи.

Тука доаѓа и до појавата на сензационалистичките новинари и фотографи, чија единствена цел е да ги „уловат“ познатите во незгодна ситуација и да му ја презентираат фамозната фотографија на светот. Главниот лик во „Ла долче вита“ е еден од нив и тој се вика Папарацо (Марчело Мастројани), па оттука се раѓа и терминот „папараци“. Папарацо е таблоиден новинар со амбиција да стане сериозен писател, но некако завршува во круговите на италијанската елита, каде што има можност да го искуси „слаткиот живот“ во Рим при својата неплодна потрага по љубов и среќа.

Не зборувам за хедонизам!


Поврзани објави

Изразот „долче вита“ сѐ уште служи како потсетник на веселиот животен стил исполнет со земни задоволства, но може да биде и многу повеќе од тоа и не мора да отпатувате во Италија за да го разберете (иако признавам дека тоа би било идеално). Идејата е обичниот, секојдневен живот да се живее бавно, миг по миг, со исклучителна благодарност за секое познато или ново доживување. „Слаткиот живот“ не значи исклучиво хедонизам, туку уживање во секој банален момент и може да има различно значење за секого.

Тоа може да бидат топлите прегратки и бакнежи од моите пријатели што ги добивам при секоја наша средба, и покрај тоа што сме се виделе вчера. Малите гестови секогаш ми изнудуваат насмевка, како тој на сопственичката на сместувањето во Ла Специја, Кристина, кога ни донесе топли домашни фокачи во знак на добредојде. Миењето садови со неверојатен поглед на селцето Бока ди Магра, додека звуците на Мајлс Дејвис се преплетуваат со оние на природата и одѕвонувањата на камбаната е едно посебно искуство.

Не може да не те расположат ведрите лица на италијанските угостители кои те уверуваат да вкусиш разноразни задоволства. Расположуваат и вечерните игри со карти додека пролетниот дождец нежно тропка на прозорецот, а мирисот на италијански тестенини ти ги скокотка сетилата ширејќи се од најубавата кујна што некогаш си ја видел. Времето како да замрзнува со секоја чаша вино на волшебното зајдисонце во Сирмионе додека остатоците од четирите вида пица ни се ладат во чиниите, но и ладни се вкусни. А ние наздравуваме. Наздравуваме со вино, со „хуго шприц“ или „аперол шприц“, сеедно. Наздравуваме за нас, за убавите мигови поминати заедно, за авантурите што ни ги подготвува секој нов ден и за пријателствата што траат. Наздравуваме за слаткиот живот.

Пишува: Марија Лукаревска

ФОТО: GETTY IMAGES