Почетна ЕкономијаНад 1.000 даночни обврзници во Грција нелегално добиле 22,67 милиони евра европски земјоделски субвенции

Над 1.000 даночни обврзници во Грција нелегално добиле 22,67 милиони евра европски земјоделски субвенции

од nenad
1 минути читај за

Вкупно 1.036 даночни идентификациски броеви во Грција имаат добиено незаконски финансиски средства во вкупна вредност од 22,67 милиони евра, изјави министерот за цивилна заштита Михалис Хрисохоидис, објавувајќи ги наодите од полициската истрага за аферата со Агенцијата за администрирање на субвенции од ЕУ, вклучувајќи и помош за земјоделството во Грција (ОПЕКЕПЕ), пренесе дописникот на МИА од Атина.

Министерот појасни дека биле испитани 6.354 даночни идентификациски броеви за временскиот период од 2019 до 2024 година, а резултатите од истрагата се доставени до релевантниот јавен обвинител, што доведе до запленување на имотните права на апликантите за прекумерно исплатената помош.

„Не може и не треба да се толерира некои да манипулираат со вредните јавни ресурси, без разлика дали се национални или европски. Овие ресурси се наменети за поддршка на грчкото земјоделско производство, а не за нелегално и неоправдано збогатување на некои“, нагласи Хрисохоидис.

Во врска со скандалот со европските земјоделски додатоци преку ОПЕКЕПЕ, истрага води и Обвинителството на ЕУ, а од истражувањето е откриена опширна шема со лажни тврдења за ливади кои се користеле за незаконско прибавување на земјоделски фондови од Унијата.

Поради аферата, во минатиот период имаше и оставки на министри во грчката Влада.