Вчера се одржа свечена доделба на македонските награди за е-трговија за 2022 година, на натпреварот “Ecommerce Awards”, кој ја организираше Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ), во хотелот DoubleTree by Hilton Skopje. На настанот присуствуваа членовите на АЕТМ, поддржувачите, жири комисијата и наградените е-трговци, а програмата настан беше дополнета со перформанси на домашни уметници и актери.
Натпреварот имаше 23 категории, организирани во 3 секции: “Најдобри е-продавници по сектори”, “Најдобри е-трговци во одбрани аспекти на онлајн продавање” и “Шампиони во е-трговија”. Изборот на најдобрите од е-трговијата за 2022 година се правеше во 5 фази со внимателно дизајнирана методологија. Главната награда беше “Е-трговец на годината”.
Во категориите со помалку од 30 номинирани компании, листата на финалисти се состоеше од 5 е-трговци, од кои еден беше избран за победник. Во категориите со 30 или повеќе номинирани компании, листата на финалисти се состоеше од 10 финалисти и потоа на крајот беа избрани 3 победници.
Победниците може да се видат на официјалната веб страница на натпреварот. Наградите беа овозможени благодарение на поддршката на генералниот партнер Mastercard и на организациониот партнер – Отворениот регионален фонд за Југоисточна Европа.


