Договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство отвора нови перспективи за остварливи проекти кои директно ќе влијаат на секојдневието на луѓето: брза железница, нови здравствени установи, подобри комуникации и технолошка инфраструктура, изјави меѓу другото министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во видео објавено на неговите профили на социјалните мрежи, каде говори за конкретните бенефити од Договорот.
“Зборовите не се доволни. Резултатите се тие што се бројат: работа, развој, подобар живот”, истакнува Муцунски.
Тој подвлече дека не ветуваат, туку реализираат, укажувајќи дека основната цел е младите да останат во државата, да се создадат нови можности за инвеститорите, а граѓаните да добијат повисок стандард на живеење.
“Ова не е политика – ова е работа за иднината”, порача Муцунски.
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираше дека во рамките на минатонеделната посета на Лондон, министерот Муцунски и неговиот британски колега, државниот секретар за надворешни работи, развој и Комонвелт, Дејвид Лами ја потпишаа Декларацијата за стратешко партнерство помеѓу Република Северна Македонија и Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска.
“Овој документ има за цел да ги зацврсти стратешките билатерални односи меѓу двете земји, вклучително и соработката во областа на надворешната политика, безбедноста и одбраната – особено во рамките на НАТО, правдата и внатрешните работи, борбата против тешкиот и организираниот криминал, справувањето со корупцијата и незаконските финансиски текови, како и економскиот раст”, се додава во соопштението.