Македонија и Турција ќе склучат спогодба за партнерство во сферата на науката, технологијата и иновациите.
Креирањето на суштината на документот е во завршна фаза и за него се разговараше на денешната средба помеѓу министерката за образование и наука Весна Јаневска и турскиот амбасадор Фатих Улусој, известија попладнево од Министерството за образование и наука.
“Двете страни изразија подготвеност процесот да биде заокружен до крајот на годината, а потпишувањето на протоколот ќе ги зајакне односите помеѓу двете држави и ќе обезбеди поголема соработка помеѓу образовните и научните установи, размена на наставно – научен кадар, ученици и студенти.”
Во текот на средбата, министерката Јаневска го презентираше проектот за воспоставување на првиот технолошки парк во Скопје, а турската страна покажа подготвеност да го поддржи остварувањето на оваа идеја преку застапници на турската бизнис-заедница во Македонија, се вели во соопштението.
Јаневска и Улусој исто така разговарале и за “унапредување на наставата на турски јазик во Македонија што ја следат над 8,000 ученици, преку повеќе обуки за наставникот кадар и вложување во додатни наставни помагала и опрема”.
бд/дма/Фото: Министерство за образование и наука .
Извор: МИА