Тридневната диета со сардини, позната како „пост со сардини“, ветува брзо слабеење и влез во состојба на кетоза. Но, дали навистина функционира и какви ризици носи ваквиот рестриктивен начин на исхрана?
Исхраната со само една намирница во текот на неколку дена станува сè попопуларна меѓу оние што сакаат брзо да ослабат. Еден од таквите трендови е таканаречениот „пост со сардини“, метод што го препорачува нутриционистката д-р Минди Пелц, а кој подразбира консумирање исклучиво сардини во период од 72 часа.
Според нејзиното објаснување, целта е организмот да влезе во состојба на кетоза, при која, поради значително намалениот внес на јаглехидрати, телото почнува повеќе да ги користи мастите како извор на енергија. Притоа, црниот дроб произведува кетони, кои служат како алтернативно гориво за организмот.
Сардините се избрани затоа што содржат многу протеини и здрави масти, а речиси воопшто немаат јаглехидрати. Една конзерва може да содржи околу 23 грама протеини и 10,5 грама масти, зависно од големината и начинот на подготовка.
Кои се придобивките од сардините?
Оваа риба навистина има висока хранлива вредност. Богата е со омега-3 масни киселини, особено ЕПА и ДХА, кои придонесуваат за здравјето на срцето. Сардините содржат и витамин Д, витамин Б12 и калциум, важен за здравјето на коските.
Д-р Пелц тврди дека ваквиот режим може да помогне при слабеењето, да ги намали воспалителните процеси и да го подобри функционирањето на мозокот. Сепак, засега нема доволно квалитетни научни докази што би потврдиле дека токму тридневната диета со сардини ги обезбедува овие придобивки.
Поврзани објави
Кои се ризиците?
Иако сардините се здрава намирница, исхраната што се базира исклучиво на нив е исклучително рестриктивна и не е соодветна за секого.
При наглото намалување на внесот на јаглехидрати може да се појават симптоми познати како „кето-грип“, меѓу кои се главоболка, замор и мачнина. Станува збор за тегоби што може да се појават додека организмот се приспособува на новиот начин на добивање енергија.
Д-р Пелц советува пред започнување на ваква диета да се консултира лекар, особено доколку лицето има здравствени проблеми. Таа препорачува сардини конзервирани во маслиново масло или вода, без додаден шеќер и сосови.
Иако сардините се одличен избор за здрава исхрана, нивното консумирање како единствена храна во текот на три дена не е научно докажан метод за здраво и одржливо слабеење. За долгорочни резултати, многу поважно е урамнотеженото мени отколку краткотрајните и екстремни диети.
Фото: pixabay.com