Почетна ЕкономијаМицкоски: Три приоритетни столба за Скопје – хигиена, завршување проекти и консолидирање на претпријатијата

Мицкоски: Три приоритетни столба за Скопје – хигиена, завршување проекти и консолидирање на претпријатијата

од nenad
5 минути читај за

Дејствувањето на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата во изминатите два дена, навистина, претставува иновација на политичката сцена во Македонија.

“Добро е што секоја година се обидуваме да иновираме, добро е што другите политички партии од опозицијата можат да следат и да научат нешто ново, коешто, можеби во иднина ќе им биде корисно кога ќе презентираат дел од своите опозициски идеи, коишто, ние како Влада ќе можеме да ги анализираме, дел од нив и да ги искористиме”, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на завршната панел-дискусија на тема „Локалната и централната власт работат за тебе” во рамките на настанот Саем-Отчет.

Мицкоски потенцираше дека очекуваат огромна историска победа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и дека за тоа нема сомнеж, бидејќи така покажуваат јавните истражувања, анкетите и впечатоците од директните средби со граѓаните, но додаде дека е од клучно значење таа победа да донесе резултати.

Во своето излагање, Мицкоски се фокусираше на тоа што, според него, треба да се направи за Град Скопје, додавајќи дека три работи се итно потребни, а тоа се: прво, хигиената, при што, обраќајќи му се на кандидатот за градоначалник на градот, Орце Ѓорѓиевски, рече дека конечно треба да се посвети на тој проблем и да го исчистиме Скопје од отпад.

“Паралелно со тој процес, следи процес на разеленување на Скопје и оплеменување со хортикултура. Нормално, во првата година од мандатот, ценам дека главното, централно скопско јадро треба да биде дел од неговиот фокус. Кога зборувам за главното централно скопско јадро, мислам пред сè на Градскиот парк, Скопје и најмладите конечно да добие луна парк каков што заслужуваат”, истакна Мицкоски.

Потоа, рече Мицкоски, би се фокусирал на скопското Кале, за кое очекува наскоро да почне да функционира и да нуди содржини за туристите, а оттаму би се спуштил кон Старата скопска чаршија, каде што треба да има ред и да им се помогне на луѓето таму кои сè уште одржуваат занаети кои, за жал, се во изумирање, а како градоначалник Орце тоа може да го стори. По Чаршија, Мицкоски рече дека би се спуштил надолу и би одел на плоштадот пред Министерството за транспорт, за и таму да се средат сите урбани работи, па преку Камениот мост до главниот плоштад и сето ова да биде збогатено со хортикултурна содржина и раззеленување.

Мицкоски потенцираше дека Жена парк и улица Македонија, кои за сите скопјани будат многу спомени, сега се во состојба во којашто не треба да бидат, а и фасадите по Рекорд оставени од едно друго време, треба да се завршат.

“Потоа, преку улица Македонија би завршил кај црквата Св. Константин и Елена, којашто според планот, очекувам да биде завршена и пуштена во функција, некаде крајот од септември, заедно со куќата на Мајка Тереза и Домот на АРМ коешто треба министерството за одбрана да го реновира. Така со тој сквер, Орце ќе мора да се позанимава како иден градоначалник и да го оплемени со урбана опрема, кој ќе го користат скопјани и се побројните туристи”, посочи Мицкоски.

Други две туристички атракции, за кои, според Мицкоски, не треба многу за да се направат, е да се започне со проектирање на втората фаза, од жичарата кон врвот на Водно и Матка. “Ценам дека сето тоа може со сопствени сили, без премногу пари да се потрошат, средства и ресурси, да биде завршено. И тоа е првата работа што сметам дека треба да биде завршена заедно со средување на кејот на реката Вардар, почнувајќи од мостот Обединети Нации, Влае па се до мостот Близнак во Аеродром и тоа може да се направи со сопствени ресурси од јавните претпријатија”, рече тој.

Мицкоски понатаму додаде дека вториот столб би било завршување на сите оние капитални проекти кои се започнати, како клучката кај Момин поток, мостот кој ги поврзува Аеродром и Гази Баба кај Керамидница да биде конечно пуштен во функција, како и мостот кај Сити мол и конечно да се заврши булеварот кон Драчево. “Да се забрзаат работите на пречистителната станица, колекторскиот систем за да ја исчистиме и реката Вардар. Така што тие капитални проекти кои се почнати да бидат завршени”, дециден е Мицкоски.

Во однос на третиот столб за Скопје, Мицкоски рече дека ќе биде најпредизвикувачки, ќе биде консолидирање на јавните претпријатија, бидејќи од информациите со кои располага, таму долговите сè се поголеми, а од друга страна нема работна дисциплина соодветно на тоа што треба да биде и дека во одредена мера има превработеност. “Посебно тука мислам во две јавни претпријатија, а тоа се Јавното претпријатие паркови и зеленило и Јавното претпријатие комунална хигиена. Цениме дека тие се пренатрупани, можеби со кадар којшто е непродуктивен”, рече Мицкоски посочувајќи дека кадрите вработени во овие претпријатија доаѓаат од коалиционите партнери на сè уште актуелната градоначалничка на Скопје, кои се ДУИ и Левица, а на моменти по потреба и советниците од СДСМ.

Мицкоски истакна дека овие три приоритети треба да бидат основата во работењето на идниот градоначалник на Градот Скопје, Орце Ѓорѓиевски и тоа треба да се направи во првата година и може тоа да се направи, без да има потреба од дополнителни средства. “Ние како централна власт, преку министерството за транспорт ќе продолжиме со набавката на електричните автобуси. Најголем дел од тие ќе бидат наменети за јавниот превоз во градот Скопје, дел во општините коишто имаат организиран јавен превоз, а ќе има и други проекти кои како централна Влада ќе ги поддржиме во рамките на Градот Скопје и општините”, рече, меѓу другото, Мицкоски.

Викендов во Скопје со серија панел дискусии се одржа Саем-Отчет под мотото „4 години работа за тебе“, во организација на ВМРО-ДПМНЕ.