Премиерот Христијан Мицкоски откри дека надлежните следат повеќе нови случаи поврзани со сомнежи за корупција во институциите и упати апел до граѓаните да ги пријавуваат сите обиди за барање мито.
Одговарајќи на прашања за последните случаи во кои беа пријавени наводи за коруптивно однесување, Мицкоски посочи дека до институциите веќе пристигнале пријави за неколку нови случаи.
„Следиме уште неколку случаи на корупција во институциите и чекаме и тоа, да го земат тоа што го побарале од граѓаните. Ги повикувам граѓаните да пријавуваат! Има пријави на неколку случаи во институции“, изјави премиерот.
Засега не се соопштува во кои институции се однесуваат пријавите, колку лица се опфатени, ниту пак за какви суми станува збор.
Најавата доаѓа во период кога во јавноста беа обелоденети повеќе случаи поврзани со сомнежи за барање или примање мито, по што надлежните органи презедоа постапки.
Мицкоски порача дека пријавувањето на ваквите случаи е од особено значење за откривање и санкционирање на корупцијата во институциите.