Тој вели дека врвен приоритет доколку станат идна власт во земјава ќе биде борбата против криминалот и корупцијата.Ваквите негови изјави доаѓаат по средбата што денеска ја имал со министерката за Европа и Устав во австринската Влада, Каролина Едстадлер, која како што вели е прва, од многуте планирани со функционери во австриската Влада.
На неа, како што кажа, ги објасниле позициите на ВМРО-ДПМНЕ од нивната изборна програма, која, вели, практично ќе биде програма на идната влада на земјава што според него ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ.
„Сите оние коишто се огрешиле пред законот треба да сносат последици за тоа што го направиле со фокус на овие политички криминалци во најкорумпираната влада во Југоисточна Европа и Западен Балкан“, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој се осврна и на евроинтеграциите на земјава. Вели дека под нивно водство владата ќе биде проевропска и главен фокус ќе биде интеграцијата на Македонија во Европската Унија, но „на еден различен начин од тоа што го правела досегашната влада“.
„Ние нема да коленичиме и да бидеме подлизурковци и измеќари. И нема да ги распродаваме националните интереси, порача Мицкоски во изјава за ТВ Алфа.
Според Мицкоски, ставот на ВМРО-ДПМНЕ во врска со ова прашање е принципиелен и таков ќе остане и по изборите.Инаку, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се децидно против уставните измени со кои Бугарите би влегле во Преамбулата на Уставот, што е услов за продолжување на преговорите со Европската Унија, односно за отворање на кластерите и поглавјата од преговарачкиот процес.