Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, ја поздрави ратификацијата на Спогодбата меѓу Владата на Македонија и Владата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, која беше усвоена денес во Собранието.
„Помина во Собрание Договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство. Ова е силно сојузништво со една од најсилните држави. Ова носи економски и политички придобивки за заедничката иднина на сите наши граѓани! Промените се случуваат“, напиша премиерот Мицкоски на неговиот фејсбук профил.
Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, исто така, ја поздрави ратификацијата на Спогодбата меѓу Владата на Македонија и Владата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска.
„Изгласан е Законот за ратификација на Договорот меѓу Владата на Македонија и Владата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска. Овој Договор е од историско значење за Македонија и развојот на државата“, напиша вицепремиерот Николоски на својот фејсбук профил.
Со оваа спогодба, наведува Николоски, кој стави параф на договорот минатата седмица во Лондон од име на македонската Влада, се потврдува партнерството помеѓу двете држави. „Заеднички ќе направиме огромни проекти и ќе ја направиме Македонија многу подобро место за живеење“, стои во неговиот фејсбук статус.
Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, и британскиот министер за економија и извоз, Герет Томас, на 22 мај во Лондон го потпишаа договорот во врска со партнерство за реализација на инфраструктурни објекти, со кој земјава добива на располагање историски најголем обем на средства од пет милијарди фунти за реализација на капитални проекти.
За да стане валиден, договорот треба да биде усвоен од Владата на Велика Британија. Потоа, започнуваат официјални разговори и преговори за реализација на проектите.
„Мојата амбиција е дека во текот на летото ќе имаме договори, а доцна наесен и работа на терен“, рече вицепремиерот Николоски во врска со Договорот.
вг/цр/ Фото: Принтскрин фб на Мицкоски и Николоски.