Почетна ЕкономијаМицкоски: Инвестираме околу 12 милиони евра во Куманово за инфраструктура

Мицкоски: Инвестираме околу 12 милиони евра во Куманово за инфраструктура

од nenad
2 минути читај за

За Куманово од државниот буџет се издвоени приближно 12 милиони евра, изјави денес претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, кој заедно со министри, пратеници и со градоначалникот на Куманово, ја посети „Соколана“.

„Од централниот буџет, мислам дека се финансирани проекти во вкупна вредност од 11 до 12 милиони евра овде во Куманово. Мислам дека е значајно, бидејќи досега такво нешто во општините не се случувало. Овие капитални инвестиции се токму во таа насока – да обезбедат подобар живот и подобри услови за живот на кумановци, како и на сите граѓани во Македонија. Повеќе за канализации, за асфалт, за патишта, булевари, за улици, за водовод итн. Така што, ние сме горди на тој проект, бидејќи со тој проект повеќе од 350-400 милиони евра ќе завршат во општините, вклучително со другите програми на министерствата“, рече премиерот Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање.

Тој напомена дека дел од проектите во општините што се финансирани преку унгарската кредитна линија веќе се започнати и завршени, дел се во процес на реализација, а дел допрва ќе започнат, со што ќе се обезбедат подобри услови за живот на граѓаните.

„Станува збор за половина милијарда евра, коишто веќе почнаа да се чувствуваат. Дел од тие проекти се отпочнати и завршени, дел се во тек на реализација, дел допрва ќе ја отпочнат, бидејќи тендерските процедури од вториот повик траат. Така што навистина тоа претставуваше нешто вонредно добро, и бенефит имаат граѓаните коишто директно гледаат дека во нивните општини се работи“, истакна премиерот Мицкоски.

Со овие пари во Куманово ќе се реконструираат повеќе улици во неколку населби, „Иго Тричковиќ“, „Перо Чичо“, „Тоде Мендол“, „Зелен Рид“ и други, а ќе се гради и локален пат од Куманово кон Пчиња. Ќе има реконструкција на водоводната мрежа на улиците „11 Октомври“ од „Гоце Делчев“ до 4 јули, како и реконструкција на фекалната канализација на улицата „11 Октомври“ од „Гоце Делчев“ до „Сава Ковачевиќ“.

Гасоводната мрежа ќе се прошири кон „11 Ноември до ООУ „Толи Зордумис“, на другиот дел од Куманово од улицата „АВНОЈ“ со „Видое Смилевски-Бато“, Тесла“, улица „Драган Стопаревиќ“, „Горно Милановачка“ и „Вараждинска“, дел во центарот на Куманово од „Народна Револуција“, „Доне Божинов“ и до населбата Карпош улицата „Тоде Думба“, улица „Никола Тесла“.

Исто така, средства се планирани и за партерно уредување, изведба на систем за ладење и греење, електрика и фотоволтаици во спортската сала. Преку вториот повик се обезбедени средства за изградба на детска градинка, реконструкција на дел од Домот за стари лица „Зафир Сајто“ Куманово, изградба на мост во село Довезенце, реконструкција на градската капела и за реконструкција на „Вера Которка“ во село Клечовце и реконструкција на ООУ „Кочо Рацин“.

ам/вј/Фото: Влада.
Извор: МИА