Премиерот Христијан Мицкоски денеска преку објава на Фејсбук ги коментираше најновите економски показатели, нагласувајќи го позитивниот тренд во неколку клучни области. “Најновите податоци го потврдуваат она за кое се залагаме – ја стабилизираме економијата, создаваме услови за економија која оди напред, граѓаните имаат повеќе работа, а трговската размена е во пораст,” истакна тој.
Според официјалните статистики, стапката на невработеност е намалена на 11,5 проценти, што претставува намалување од 1 процент во споредба со истиот период претходната година. “Во споредба со вториот квартал од 2024 година, денес имаме околу 10,000 нови вработени и над 7,000 помалку невработени. Тоа се илјадници семејства со поголема сигурност и иднина,” додаде Мицкоски.
Растот е забележан и во секторот на надворешната трговија. “Добра вест е и надворешната трговија: во јули извозот порасна за 4,69 проценти, додека увозот за 4,35 проценти. Во периодот јануари–јули, извозот е зголемен за 5,41 проценти, а увозот за 4,83 проценти,” се наведува во објавата. Премиерот исто така подвлече дека вкупната трговска размена во сегментот на увозот во првите седум месеци е зголемена за 5,07 проценти во однос на истиот период лани.
Во својот пост, Мицкоски ги критикуваше политичките опоненти, посочувајќи: “Ова се реални резултати од одговорни политики. Додека опозицијата шири црнила и се надева на неуспех, ние испорачуваме резултати. Додека тие блокираат и кочат, ние градиме и носиме подобар стандард за секое семејство. Македонија оди напред – со повеќе работни места, посилен извоз и стабилна економија.”
“Ова е времето на работа, резултати и развој,” заклучи Мицкоски во неговата објава на социјалната мрежа Фејсбук.