Делегација од Министерството за одбрана, предводена од министерот Владо Мисајловски, ќе престојува во Турција денес и утре. Тие ќе присуствуваат на IDEF 25, еден од најголемите саеми за воена индустрија, кој годинава се одржува по 17-ти пат.
Министерот Мисајловски е планирано да се состане со својот турски колега, министерот за национална одбрана Јашар Ѓулер, како и со претседателот на Агенцијата за одбранбена индустрија на Турција, Халук Ѓорѓун. Исто така, се очекуваат средби и со други високи функционери од одбранбениот сектор.
На саемот IDEF 25, министерот Мисајловски ќе биде придружуван од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски.
Македонската делегација ќе има можност да се запознае со најновите технологии во сферата на воената индустрија и да оствари контакти со голем број компании од овој домен. Ова е “исклучително значајно имајќи го предвид процесот на модернизација и опремување на Армијата и исполнувањето на НАТО Целите на способности”.
мд/са/Фото: Министерство за одбрана .