Министерството за спорт известува дека спортската арена „Наум Наумовски Борче“ во општина Карпош ќе биде обновена и вратена во употреба, откако беше констатирано дека објектот е неактивен речиси една година по неговата обнова.
Како одговор на тврдењата на градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски, министерството подвлекува дека државата дејствувала совесно и отворено, и дека објектот, кој е во државна сопственост, ќе биде достапен за жителите и спортските здруженија. Министерството потсетува дека реконструкцијата е финансирана со државни средства во вредност од 1,3 милиони евра.
Се посочува дека сите оштетувања кои настанале поради неискористувањето на салата ќе бидат санирани, а објектот ќе биде сигурен, опремен и функционален.
Министерството, исто така, му поставува прашања на градоначалникот Јакимовски во врска со наводни планови за употреба на делови од салата за лични и партиски цели, вклучувајќи и отворање кафетерија и користење деловни простории. Оттаму апелираат за одговорност и транспарентност, нагласувајќи дека јавниот интерес и интересот на спортистите и граѓаните мора да бидат над политичките и личните цели.
Претходно, со 14 гласа „за“ и 7 „против“, Советот на Општина Карпош усвои заклучок со кој се спротивставува на одлуката на Владата за одземање на спортската сала „Наум Наумовски Борче“, која претходно беше дадена на трајно користење на Општината.
Градоначалникот Стевчо Јакимовски изјави дека одлуката е донесена без објаснување и без консултација со локалната самоуправа, која досега инвестирала околу 4 милиони денари во објектот. Советот ја оцени одлуката како штетна и побара понатамошна постапка пред надлежните институции.