Почетна ЕкономијаМилиони работници на улиците за права: Меѓународниот ден на трудот одбележан глобално

Милиони работници на улиците за права: Меѓународниот ден на трудот одбележан глобално

од nenad
3 минути читај за

Илјадници лица денес се појавија на улиците во Токио со ритамот на традиционалните тапани, прославувајќи го Први мај, Меѓународниот ден на трудот, кој денес се одбележува низ целиот свет, од Токио до Лос Анџелес. Овој ден ги чествува напорите и достигнувањата на работниците и работничкото движење.

Се предвидува значителен број луѓе да учествуваат во протестни маршеви низ САД, вклучувајќи ги Чикаго, Лос Анџелес, Њујорк и Филаделфија.

Во јапонската метропола, Токио, Јунко Курамочи, припадник на група мајки кои излегоа на улиците на Токио, изјави дека правата на работниците мора да бидат признати за нивните деца да можат да живеат со надеж.

Американските организатори напоменаа дека нивната порака оваа година е за борба против антиимигрантските и антидиверзитетските политики на американскиот претседател Доналд Трамп. Градежниот работник Тадаши Ито изрази загриженост за потенцијалниот пораст на цените на увезените суровини во наредните месеци. “Сите се борат за работа, па затоа договорите имаат тенденција да одат таму каде што платите се најниски”, рече тој, додавајќи дека работниците во Јапонија мислат дека мирот е на прво место и се надеваат дека Трамп ќе ги искорени конфликтите и нееднаквоста.

Во Индонезија, претседателот Прабово Субианто ги пречека илјадниците работници кои се собраа во Националниот парк во Џакарта. “Владата што ја водам ќе работи што е можно понапорно за да ја елиминира сиромаштијата во Индонезија”, им рече Субианто на присутните. Се очекува околу 200.000 индонезиски работници да земат учество во маршевите за Први мај во земјата, најголемата економија во Југоисточна Азија, изјави претседателот на Конфедерацијата на индонезиски синдикати, Саид Икбал. Тие бараат зголемување на платите и заштита на домашните работници и работниците имигранти во странство.

Во Тајван, околу 2.500 членови на синдикатот кои претставуваат повеќе сектори, од рибарство до телекомуникации, се појавија на улиците на главниот град Тајпеј, носејќи транспаренти и барајќи подобри услови за работа. Во Јапонија, барањата на учесниците на маршот се движат од повисоки примања, полова рамноправност, здравствена заштита, до намалување на воените трошоци и помош за жртвите од земјотресот. Тие, исто така, побараа прекин на огнот во Газа и крај на руската инвазија на Украина. „Работници од целиот свет обединете се. Први мај“, извикуваше толпата во Јапонија.

Се очекува еден од најголемите собири за Меѓународниот ден на трудот оваа година во Лос Анџелес, а транспарентот во тој град јасно ја пренесе денешната порака: “Една борба, една битка, работниците обединете се”. „Ја носиме борбата против милијардерите и политичарите кои се обидуваат да нè поделат со страв и лаги. Ја знаеме вистината, нападот врз работниците имигранти е напад врз сите работници“, изјави Ејприл Верет, претседател на Меѓународниот синдикат на работници во служба, кој претставува два милиони работници.

Повеќе од 150 членови на левичарски партии, синдикати и младински организации беа уапсени во акции во домовите во вторникот и средата во поголемите градови, меѓу кои Истанбул, Анкара и Измир, пред демонстрациите за Први мај, пренесоа турските медиуми. Една од причините за полициските операции во Истанбул е тоа што работниците и младите сакаат да го прослават Први Мај на плоштадот Таксим. Од 2013 година, владата на претседателот Реџеп Таип Ердоган го затвори овој историски важен плоштад за работничката класа за да ги спречи демонстрациите за Први Мај. сд/ .

Извор: МИА