Новинарот и публицист Миленко Неделковски со остар и саркастичен коментар на социјалните мрежи повторно ја отвори темата за деиндустријализацијата и урбаната трансформација на главниот град, оценувајќи дека некогашниот турбо индустриско-економски центар денес е сведен на бетонска и бирократска џунгла.
Во својот пост, Неделковски набројува низа индустриски капацитети и симболи на економската моќ што со години беа „дислоцирани“ или целосно згаснати – меѓу кои Железара, МЗТ, Охрид, Пластика, Купром, Годел, Комуна, Циглана, Македонски фолклор, Алумина, Караорман, Треска, Каросерија, Млекара, Славија, Земпромет, Ванила, Центротекстил, Технометал, Вардар увоз-извоз, Стаклара, како и хотелите Панорама, Сарај, Бристол и Арапска куќа (Јадран).
„Со нив не исчезнаа само фабриките, туку и платите на стотици илјади вредни работници“, порачува Неделковски, алудирајќи на длабоките социјални и економски последици од долгогодишниот процес на деиндустријализација.
Наместо реална економија и производство, според него, во градот биле „лоцирани“ стотици невладини организации, политички партии, илјадници функционери, советници и бирократи, како и административни шалтери и системи на казни и глоби, што, како што наведува, не создаваат нова вредност, туку ја трошат постоечката.
Особено критичен е и кон современиот урбанизам, кој го опишува како хаотичен и без визија. Неделковски зборува за „мравјалници наречени згради“, во кои, според него, се продаваат станови по цени од 3.000 до 4.000 евра за квадратен метар, без соодветна инфраструктура, зеленило и јавни содржини.
Својот коментар го заокружува со иронична забелешка: „Кидам капа“, би рекол Дарко Панчев – израз што во контекстот на објавата повеќе асоцира на горчлива сатира отколку на пофалба.