Почетна СценаМилевски: Џабе ќе ни е овој голем бод, ако во вторник не ја победиме Малта!

Милевски: Џабе ќе ни е овој голем бод, ако во вторник не ја победиме Малта!

од nenad
2 минути читај за

Селекторот на македонската репрезентација, Благоја Милевски, нормално дека беше задоволен по вечерашниот освоен бод против фаворизираната Италија, но не покажа еуфорија, свесен дека сето ова ќе биде џабе ако не биде потврдено во вторник со триумф на Малта.Тој смета дека ремито не е победа и дека нема потреба од преголемо славје, колку и да е задоволен од прикажаното на теренот.

   

„Овој нерешен резултат не е рамен на победа, зашто се добива само еден бод. Во второто полувреме функциониравме многу подобро отколку во првото, на одморот ги поправивме аномалиите кои ги имавме во првиот дел. Ова беше различен меч од тој во Палермо, не само од аспект дека таму игравме плејоф, туку и дека сосема нов лик има Италија со нови играчи и нов селектор, а и ние имавме многу измени. Но, пак ќе повторам дека сум задоволен од тоа што го покажаа момците, од желбата за докажување, желбата да си го потврдат својот квалитете кој никогаш не бил доведен во прашање.

Оваа добра игра, овој бод нема да ни значи ништо ако не победиме на гостувањето кај Малта, за тоа се свесни и фудбалерите и јас. Ова што се случи денеска е веќе зад нас, откако ќе влеземе во автобус вечерва ќе се спремаме за Малта. Денеска направивме три принудни измени поради физичка исцрпеност, по крајот на мечот и Манев се пожали на грчеви. Овој терен нема да го коментирам затоа што не заслужува да го коментирам. Среќен сум што ниту на едната, ниту на другата нема посериозни повреди“, изјави Милевски.

Селекторот во дел од обраќање се наврати и на шпекулациите за неговата смена, односно дека неговиот мандат сигурно ќе заврши со крајот на квалификациите за ЕП 2024.
„Не чувствувам никаков притисок од јавноста, јас сум професионалец работам посветено. Пред секој меч добро е да имаме притисок, момците покажуваат дека вредат кога се под притисок. Тоа може да ни биде само мотив плус во иднина, нека продолжи тој притисок и понатаму, а ние да изгледаме како што изгледаме“, дополни популарниот Сер Боби.Македонија во моментов има четири бодови од исто толку меча, поради што со евентуален триумф на Малта сериозно би си ги зголемила шансите за што подобар пласман во групата за пласман на следниот континентален собир.