Table of Contents
Многу жени секојдневно застануваат пред неговиот објектив и сите нив тој успева да ги претстави во најдобро можно светло, па го прашавме дали изгледот или нешто друго е пресудно за добра фотографија…
Антонио Станков е еден од нашите најангажирани фотографи, чии дела красат голем број кампањи, насловни страници и модни едиторијали. Својата успешна приказна ја продолжи со Galeria Collarette – првото концепт-студио за фотографирање на ирисот во нашата земја, чија цел е да се прикаже единственоста на окото преку уникатна уметничка фотографија. Со Антонио разговаравме за женската убавина и автентичност, за дамите што го инспирираат, но и за тајните на добрата фотографија…
Кои жени ти се особено инспиративни за фотографирање?
Ме инспирираат позитивната енергија, духот и автентичноста на секоја жена. На пример, жените кои се лидери или се залагаат за социјални промени, имаат уникатна приказна која може да се раскаже преку фотографија. Ме инспирираат и уметници и креативци кои ги поместуваат границите. Нивната страст честопати блеска во нивните портрети, правејќи ја секоја фотосесија значајно искуство.
Кои жени извршиле најголемо влијание врз твојот професионален и личен развој?
Кога зборуваме за професионалниот развој, најголемо влијание ми имаат извршено моите најблиски соработнички од музичката сцена, новинарството и инфлуенсерството. На лично ниво, жените во моето семејство ми се голема инспирација, особено мојата мајка, која ми пренесе вредности како издржливост, напорна работа и емпатија. Нејзината истрајност ме мотивира да ги надминам предизвиците и да останам посветен на моите цели.
На која жена би сакал да ѝ направиш фотосесија еден ден?
Поврзани објави
Од домашните ѕвезди тоа би била Каролина Гочева, бидејќи таа е една од жените што имаат оставено значаен печат на нашата музичка сцена. Во светски рамки би ги издвоил топ-моделките Наоми Кембел и Ирина Шајк, сестрите Кардашијан-Џенер, актерката Зендаја…
Која жена последно те има воодушевено со својот целосен изглед?
Ќе ја споменам Анџелина Џоли и нејзиното појавување на Филмскиот фестивал во Венеција. Таа отсекогаш маѓепсувала со своето впечатливо присуство и безвременска елеганција. Нејзиниот лик и дело дефинитивно се издвојуваат во светската кинематографија.
Кои особини треба да ги поседува комплетната жена?
Според мене, комплетната жена е среќна жена. Самодовербата и независноста ѝ овозможуваат да ја прифати својата индивидуалност и да ги следи своите страсти, додека интелигенцијата е она што ja истакнува. Автентичноста е клучна, бидејќи комплетната жена останува верна на себе.
Можеш ли да ни споделиш неколку трикови за успешна фотографија?
Најважно е осветлувањето. Природната светлина секогаш е најдобра во златните часови наутро или попладне. Важно е да целиме кон минималистичка естетика, без многу детали кои ќе ја нарушат композицијата. Многумина грешат кога вклучуваат преполни заднини, лоши агли и композиции. Треба да се обидеме заднината да биде чиста и прегледна, а светлото дифузно (меко) и странично.
Разговарала: Марија Лукаревска
ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА