Почетна Убавина и здравје„Ме воодушевуваат жени кои покажуваат интегритет и емоционална интелигенција“ – Убавина и здравје

„Ме воодушевуваат жени кои покажуваат интегритет и емоционална интелигенција“ – Убавина и здравје

од nenad
3 минути читај за

Нашиот мајстор за хитови во музиката се фасцинира од женски вокали кои носат длабочина и автентична емоција, а во животот го воодушевуваат силни жени, кои секогаш стојат зад своите зборови и дела…

Ако некоја македонска песна ви се допаднала од прво слушање, постои голема веројатност дека како нејзин композитор се потпишува Роберт Билбилов. Повеќе од две децении, тој неуморно твори и го преточува својот музички талент во незаборавни хитови, најчесто наменети за наши познати пејачи, но понекогаш и за себе. Има многу што да се научи од Роберт за музиката и за нашата естрада, но овој пат нè интересираше какви жени го инспирираат, и професионално и приватно.

Која жена последно те има воодушевено со некоја своја постапка?

Не би можел да издвојам конкретно име, но секогаш ме воодушевуваат жени кои покажуваат искреност, интегритет и емоционална интелигенција. Жените што стојат зад своите зборови и дела, без игри и манипулации, секогаш ми оставаат впечаток.

Кои женски гласови имаат извршено влијание врз твојот музички развој?

Отсекогаш ме фасцинирале вокали кои носат длабочина и автентична емоција. Во мојата музичка визија свој печат имаат оставено гласови како Шаде, Цезарија Евора, Амел Ларју и Миријам Макеба. Нивната уникатност и начинот на кој ја пренесуваат емоцијата ме инспирираат да внесам слична длабочина во мојата музика.

Неретко се вели дека мажите се плашат од силни жени. Се согласуваш со ова?

Не мислам дека вистински силните мажи се плашат од силни жени. Напротив, ги ценат, ги поддржуваат и ги гледаат како партнери, а не како конкуренција. Општеството полека се менува во тој поглед, но сè уште постојат предрасуди и традиционални норми, кои се длабоко вкоренети. Верувам дека иднината носи поголема рамноправност и почитување на индивидуалните квалитети, без оглед на полот.


Поврзани објави

Која жена е комплетна, според тебе?

Комплетна жена е таа што знае која е, знае што сака и не се плаши да биде своја. Таа поседува емоционална интелигенција, емпатија, самодоверба и способност да пронајде баланс помеѓу кариерата, личниот живот и духовниот раст.

Кои навики или начини на однесување кај жените те нервираат?

Не сум човек што се нервира лесно, но не поднесувам неискреност и манипулација. Исто така, ме нервира кога некој не знае што сака и го држи другиот во неизвесност – тоа не е квалитет, туку незрелост. Почитувам луѓе кои се јасни, директни и автентични во своите намери, без игри и тестирања.

Какви вредности би сакал да му пренесеш на твојот син Давид, кога станува збор за машко-женските релации?

Прво и основно – почит. Почит кон себе, кон другите и кон односите што ги гради. Сакам да знае дека вистинската сила не произлегува од наметнувањето, туку од стабилноста и карактерот. Да биде маж кој може да води, но и да слуша. Да знае кога да биде цврст, но и кога да покаже разбирање. Да биде човек кој не се плаши да сака, но и човек кој не дозволува да биде искористен. Ако го научи тоа, ќе биде маж што го ценат и мажи и жени.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА