Почетна ЕкономијаМециновиќ: Пакет закони на Левица содржи горна граница за кирии и поддршка при купување дом

Мециновиќ: Пакет закони на Левица содржи горна граница за кирии и поддршка при купување дом

од nenad
2 минути читај за

Ограничување на висината на кириите, финансиска поддршка при купување на сопствен дом, ваучери за неформална грижа за деца, прилагодливо работно време за млади родители и бесплатен превоз во јавниот сообраќај се дел од серијата предлог-закони што ги нуди Левица, со цел да се подобри животот на младите и да се намали нивното иселување од земјата.

За овие предлози денеска на прес-конференција извести членот на парламентот од Левица, Амар Мециновиќ. Тој го презентираше новиот пакет предлог-закони на пратеничката група на Левица, кои се однесуваат на младите лица и родителите.

„Денеска во Собранието, Левица ќе го поднесе најсериозниот, најобемниот и најсистемскиот пакет – закон за млади, во историјата на Собранието на Република Македонија.” – изјави Мециновиќ.

Тој додаде дека овој сет на закони е обликуван во соработка и комуникација со граѓаните и младите луѓе кои најдобро се запознаени со проблемите со кои се соочуваат. Според него, овој пакет закони е реакција на, како што рече, апсурдната идеја на Владата за воведување на данок за неженети и немажени лица.

„И во ситуација на апсурдни предлози од Владата, ние како опозиција сметавме дека треба да се обратиме кон младите и тие навистина да ни посочат кон какви предизвици треба да се фокусираме како Собрание и која институционална помош е потребна на нашите млади.” – објасни Мециновиќ.

Тој посочи дека по повеќе од стотина предлози добиени од младите во текот на изминатиот период, тие создале почетен пакет од шест закони за кои веруваат дека ќе овозможат подобри услови за основање семејство и склучување брак.

Мециновиќ истакна дека најголем дел од добиените предлози се однесуваат на прашањето за обезбедување на соодветно домување. „Домувањето е во суштина и најголемиот проблем за младата генерација и прва причина за иселување на нашите млади од државата.” – нагласи тој.

„Затоа, во овој пакет закони што има цел да ги олесни условите, предлагаме закони за достоинствен живот за младите во Република Македонија и подобри можности за нивна егзистенција.” – заклучи Мециновиќ.

бд/вј/Фото: МИА
Извор: МИА