Од оваа сабота, па натаму, секоја сабота, метрото, трамваите и десет автобуски линии во Атина ќе функционираат деноноќно, за разлика од досегашната пракса кога работеа до полноќ. Оваа мерка има за цел да им овозможи на младите луѓе безбедно да се враќаат дома без да користат автомобили, пренесе дописничката на МИА од Атина.
Заменик-министерот за транспорт и инфраструктура на Грција, Константинос Киранакис, кој е одговорен за јавниот превоз, преку видео на социјалните мрежи изјави дека ова е „потег што го бараат општеството, младите, нивните семејства за да можат дома да се вратат безбедно“. Тој додаде дека „главната причина за смрт на младите под 29 години се сообраќајните несреќи“, а 24-часовната работа на метрото, трамваите и дел од автобусите е обид за „намалување на сообраќајните несреќи во главниот град“.
Пилот-проектот за 24-часовно работење на јавниот превоз беше воведен на почетокот на јули, со најава дека од септември тоа ќе стане редовна практика секоја сабота.
Киранакис тогаш се возеше со автобус и метро во текот на ноќта, коментирајќи дека „Атина не спиеше“ и посочи дека „за прв пат по 20 години, целиот систем на јавниот превоз остана отворен цела ноќ и десетици илјади млади луѓе го искористија“.
Портпаролот на грчката Влада, Павлос Маринакис, тогаш истакна дека за време на пробниот период, вкупно 50.000 граѓани ги користеле транспортните средства.
Пред оваа иницијатива, со исклучок на неколку ноќни автобуски линии, јавниот превоз во Атина не беше достапен по полноќ.